Ежење: Клоп, Ливерпул и навивачите со еуфорична прослава на Лига Купот

Во финалето на англискиот Лига Куп во тврд натпревар, Ливерпул со 1-0 го совлада Челси со гол на стоперот и капитен Ван Дајк дури во 118’ минута од продолженијата.

Ливерпул игра во неверојатна форма. Лидерот во англиската Премиер лига го освои првиот пехар од можни 4 колку што брка сезонава. И тоа го стори против големиот ривал Челси и тоа без повеќе од пола главни стандардни играчи.

Клоп во финалето не можеше да смета на веќе подолго време отсутните Салах, Алисон, Трент Александар-Арнолд, Собослаи, Жоел Матип, Стефан Бајчетиќ, Тиаго Алкантара, Дарвин Нуњез и Диого Жота, сите стандардни првотимци.

Во текот на регуларниот дел и Ливерпул и Челси имаа свои можности но голманите на двата тима, Куивин Келехер и Ѓорѓе Петровиќ бранеа одлично. Челси нема победа на Ливерпул од март 2021-ва кога славеа 0-1 на „Енфилд Роуд“ со голот на Мејсон Маунт. Од тогаш досега играа дури девет меча, осум завршија нерешено (ако се смета и ремито 0:0 во регуларен дел од финалето на Лига Купот).

Мора да се напомене дека Јирген Клоп храбро се реши да им даде шанса на 19-годишниот Боби Кларк (играше 50 минути во големото финале), 19-годишниот Џејмс Маконел (35 минути), 18-годишниот Џејден Денс (35 минути) и 21 годишниот Џарел Куанса (15 минути).

Благодарение на својот искусен капитен Ван Дајк овие дечки не мораа да пројдат низ стресната пенал серија.

Ова е 10-ти трофеј во Лига Купот за Ливерпул. Манчестер Сити има 8, а Челси има пет освоени пехари но последниот во 2018-та. Неверојатно звучи податокот дека Челси ги изгубил последните шест финалиња на англиски Купови од кои дури 3 од Ливерпул.

Јирген Клоп го освои 13-от пехар во кариерата и осми во Ливерпул. Претходно со германскиот тренер црвените го освоија Лига Купот пред две години кога го совладаа Челси на пенали 11:10.

После победата Јирген Клоп, играчите и целиот стручен штаб дојдоа пред црвената трибина на „Вембли“ каде илјадници навивачи громогласно ја испеаја култната You'll Never Walk Alone.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

26 февруари 2024 - 09:39