Ердоган вадел заклучени судии, претседателот казнет

Претседателот на турскиот прволигаш Трабзонспор, Ибрахим Хачиосманоглу е суспендиран на 10 месеци и казнет парично поради тоа што минатиот викенд наложил во соблекувалните да се заклучат судиите на мечот против Газиантеп.

Претседателот на Трабзон, Ибрахим Хачиосманоглу бил толку бесен по ремито 2-2 на неговиот клуб против Газиантепспор што им наредил на вработените во клубот да ги заклучат судиите во просториите каде што се пресоблекувале. Не можел да се помири со тоа што главниот судија Чагатај Шахан не досудил пенал за Трабзон во финишот.
 
По четиричасовно заложништво, морал да реагира претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган кој наложил судиите итно да се ослободат и пуштат надвор од стадионот.
 
Поради тој инцидент, турската фудбалска федерација остро го казни виновникот Хачиосманоглу кој доби 10 месечна суспензија и парична казна од 48.500 евра (150.000 турски лири). Клубот е казнет со два натпревари без публика на домашен терен, а четворица членови на управата се казнети на една година надвор од фудбалот.
 
Јакуп Аслан и Али Узунај се суспендирани на 410 денови, а Коксал Ѓунеј, Омер Демир, Али Ќемал Басаран, Онур Инчехасан, Сејфетин Кајаноглу и Мехмет Терзи се казнети на една година. Сите осуммина мора да платат казни од 200.000 до 260.000 турски лири или од 45.000 до 60.000 фунти. Сулејман Хурма поминал најбезболно со 21 ден суспензија и 25.000 турски лири казна.
 
Судиите по ослободувањето го напуштиле стадионот каде ги чекале навивачите кои ги гаѓале со камења и стаклени шишиња. По мечот, Хачиосманоглу изјавил дека клубот попрво „ќе умре како маж, отколку да живее како жена".
 
Трабзонспор важи за клуб со френетични навивачи. Минатата година кулминираше нивното ривалство со Фенербахче кога некој навивач пукал во клупскиот автобус на Фенер кој се враќаше во Истанбул.
 
Ривалитетот меѓу Трабзон и Фенербахче продолжи и во Скопје летово, кога Работнички играше во Лига Европа против тимот на Хачиосманоглу.