Елмас се обрати преку Фејсбук за трансферот во Наполи

Откако малку му спласна еуфоријата која почна од железничката во Рим, онаа во Неапол, па се до тренинг кампот и деби мечот на кој беше пречекан со овации, Елиф Елмас стокми текст со благодарност до сите и ветување дека ќе даде сè за овој дрес.

Придружен од газда Де Лаурентис, Анчелоти, Никола Ѓошевски и татко му како менаџери, како и други луѓе од клубот Елмас потпиша пет годишен договор за плата од 1,3 милиони евра во првата, која ќе порасне до 1,7 милиони во петтата сезона.

Го пречекаа навивачи и новинари пред базата на клубот, а го изненадија со скандирања уште на првиот меч. Македонскиот репрезентативец отспа, веројатно малку и ги сумирал првичните впечатоци и упати многу благодарности.

Драги пријатели на Наполи

Многу сум среќен што дојдов во Наполи и што ќе бидам дел од ова семејство. Се чувствувам прекрасно и радосно што сум во еден од најдобрите клубови во светот и што ќе работам со еден од најдобрите тренери во историјата, господинот Карло Анчелоти. Благодарност до раководството на клубот воден од господинот Аурелио Де Лаурентис кој ми овозможи да дојдам во Наполи.

Среќен сум што ќе бидам дел од овој голем клуб со голема историја и традиција и што ќе играм со висока класа на играчи од кои можам многу да научам. Посебна благодарност сакам да им испратам на навивачите на Наполи, бидејќи знам дека се едни од најверните во светот. Им ветувам дека ќе го дадам максимумот за овој дрес и заедно ќе имаме многу убави моменти и трофеи.

Поздрав
Елиф Елмас
Форца Наполи за секогаш.

26 јули 2019 - 13:34