НАПОЛИ - АЈНТРАХТ ФРАНКФУРТ 3-0 (1-0)
/Осимен 45+2', 53', Зјелински 64'/
Историско четвртфинале обезбедија играчите на Лучано Спалети. Клубот од градот под Везув за првпат во клупската историја ќе игра во 1/4 финале на ЛШ.
Во Неапол реваншот меѓу Наполи и Ајнтрахт го одбележаа бројни навивачки судири со полицијата. Хулигански групи и од двете страни во обид да се судрат меѓу себе, на крајот бесот го искалуваа врз органите на редот па во Неапол имало запалени полициски возила и неколку приведени навивачи.
Што се однесува до мечот на стадионот „Диего Армандо Марадона“, Наполи убедливо со 3-0 го згроми Ајнтрахт, па после првиот меч каде славеа 0-2 со висок вкупен резултат 5-0 оди во следна рунда.
Како и на првиот дуел во Германија, така и на реваншот вечерва главен адут на Наполи беше неверојатниот центарфор Виктор Осимен кој со нови два гола го трасираше патот до триумфот. Победата ја запечати полскиот репрезентативец Пјотр Зјелински.
Наполи сега го чека ривалот во четвртфинале.
РЕАЛ МАДРИД - ЛИВЕРПУЛ 1:0 (0:0)
/Карим Бензема 78'/
„Кралскиот клуб“ по четврти пат во последните шест сезони му го зема скалпот на Јирген Клоп, а Карим Бензема го постигнува дури седмиот гол во дуелите со црвените од „Енфилд“.
По голеадата во Англија кога Реал си поигра со Ливерпул и го прегази со 2:5, вечерва на „Сантијаго Бернабеу“ шанси имаше на двете страни, но падна само еден гол.
Карим Бензема, на асистенција на Винисиус Жуниор ја погоди мрежата на Алисон за триумф од 1:0 и пласман на Реал во следна рунда. Ова беше дури 89. гол на Французинот со алжирско потекло во Лига на шампиони.