Во Франција се активираше алармот затоа што за само неколку дена на трансфер пазарот започна прав егзодус. Сè започна со операцијата на Милан и Интер кои ги збунија и француските медиуми, затоа што играа дерби за потписот на екстра талентираниот Џефри Кондогбиа.
Галијани три пати одеше во Монако, но на крајот Интер го купи францускиот репрезентативец од средниот ред за финална цена од 40 милиони евра. Монако на тој начин доби двојно повеќе, затоа што претходно на Севиља за Кондогбија ѝ плати 20 милиони евра. А сега од Интер добија 40 милиони евра. Сума својствена само за англиските клубови.
Покрај Кондогбија, како што пишува дневниот весник La Provence, во Милано би можел да слета и Имбула, еден од најдобрите млади фудбалери на Марсеј. 23-годишниот играч за врска би требал да потпише 5-годишен договор со Интер според кој ќе заработува 2 милиони евра годишно.
Марсеј остана без Андре Аје кој потпиша со Свонси, како и без Жињак кој замина да игра во Мексико во клубот Тигрес, каде ќе зема 4 милиони годишно во следните 5 години.
Францускиот фудбал остана и без талентираниот Вас, дански специјалист за слободни удари кој потпиша со Селта Виго, откако неговиот Евијан испадна од лигата. Симон Кјаер заврши со Лил и се пресели во Фенербахче. Монако повторно остана без Фалкао кој е позајмен на Челси, а пред заминување се уште и бековите Курзава и Караско, како и одличниот Абденур.
Што се однесува до играчите кои ќе играат во Франција, ПСЖ тука внимава заради финансискиот фер плеј од УЕФА, која би можела да ги казни. Од таа причина Парижаните прво мора да продаваат (Мота, Рабиот, Кавани), за да купуваат (Ди Марија).