Не е тајна дека големите турнири раѓаат големи играчи. До денешен ден секаде низ светот се зборува за тоа како 17-годишниот Пеле правел чуда и станал прв стрелец на СП 1958 година во Шведска.
Пеле се прославил на Мундијалот, а на големите турнири веќе играа докажани играчи како Зинедин Зидан, кој ѝ помогна на Франција да освои европско и светско првенство. Зизу стана најскап светски играч откако потпиша со Реал Мадрид во 2001. година.
СП е најголема сцена каде се прославуваат и анонимни фудбалери. Така Салваторе Тото' Скилачи од нигде никаде стана прв стрелец на Мундијалот 1990 во Италија и ја доби Златната Копачка за најдобар стрелец, а неговите Аѕури завршија втори на тој Мундијал. Се очекуваше тој да направи идеална кариера, но одигра четири бледи сезони во Јувентус и Интер пред да стане првиот Италијанец во Јапонската прва лига.
Некои фудбалери никогаш не освоиле ништо на меѓународна сцена со своите земји, но се натпреварувале на највисоко клупско ниво. Во оваа категорија спаѓаат Рајан Гигс, Ибрахимовиќ и Михаел Лаудруп.
Меѓу овие играчи што никогаш не освоиле големо натпреварување, а станале легенди е и Едуард Стрелцов. Роден во Москва, Стрелцов бил еден од најнадарените фудбалери во ерата на СССР, но и покрај големиот талент не освоил ништо повеќе од купот и лигата на Советската унија.
Дебитирал на 16 години за Торпедо Москва во 1954. година и не му требало долго да стане славен. На 16 години, 8 месеци и 27 дена станал најмладиот стрелец во Советската лига. На еден месец пред неговиот 18 роденден, Стрелцов постигнал три гола на дебито за националниот тим против Шведска. Хет-трик постигнал и на пријателската против Индија на вториот настап.
На Олимпијадата во Мелбурн 1956. година, Стрелцов бил ѕвезда на Советскиот Сојуз. Со голот на харизматичниот напаѓач, Советскиот Сојуз ја победил Западна Германија во првото коло, а во второто ја совладале Индонезија и закажале дуел со Бугарија во четвртфиналето. Мечот завршил 0-0 и се играле продолженија. Бугарите повеле во 95-та минута, но Стрелцов постигнал еден и наместил уште еден за триумф на Советите. И покрај тоа, Стрелцов не играл во финалето против Југославија кое Советите го добиле 1-0.
Кога Стрелцов и екипата се враќале во Владивосток од каде имале воз до Москва, само 11 играчи кои играле во финалето се сликале со победничкиот пехар и добиле медали.
Никита Симонјан, почесниот претседател на Рускиот фудбалски сојуз кој тогаш бил напаѓач и играл во финалето, му го понудил медалот на Стрелцов но овој му одговорил: „Фала Никита. Ќе освојам многу други трофеи“. Се напил водка и заминал дома со празни раце иако бил најзаслужен за трофејот.
Продолжил да игра одлично во првенството за Торпедо Москва и во 1957 година екипата завршила втора зад ривалот Динамо Москва. По крајот на таа сезона започнал и падот на Стрелцов. Почнал да пие сè повеќе и бил голем женкар.
„Навивачите се тие што го убија. Секој сакаше да се напие со него и да наздрави. Уште полошо, Стрелцов беше и активен пушач, но и натаму изгледаше добро. Шармот и харизмата му правеа проблем“, вели неговиот поранешен соиграч Иванов.
Иако бил оженет, Стрелцов бил голем женкар и бил во врска со 16-годишната ќерка на членот на Полибирото, Екатерина Фурцева. Стрелцов одбил да се ожени со неа и ја нарекол мајмунка на една прослава на Олимпиското злато.
Советскиот Сојуз се пласирал на Мундијалот 1958. година во Шведска, благодарение на головите на Стрелцов. На тој Мундијал Пеле постигнал шест голови, но во Советската јавност избил скандал откако извесна Марина Лебедева го обвинила Стрелцов дека ја силувал во собата. Новинарите го бранеле напаѓачот, но и покрај тоа тој, заедно со Михаил Огонков и Борис Татушин биле уапсени.
Стрелцов бил осуден со 12 години затвор и во Советскиот Сојуз многумина сметале дека целиот процес му го наместила Екатерина Фурцева, која била блиска до генералниот секретар на Комунистичката партија, Никита Хрушчев. Сè поради тоа што претходно ја исмеал нејзината ќерка која била вљубена во фудбалерот.
Дури 100.000 луѓе биле спремни да бараат од Хрушчев да го ослободи Стрелцов, но тој не сакал да слушне. Стрелцов е ослободен пет години по пресудата, кога Леонид Брежњев станува лидер на партијата на местото на Хрушчов.
Центарфорот ќе се врати на теренот и во 1968 година со Торпедо ќе ги освои Советскиот куп и првенство. Во истата година за последен пат настапува за Советскиот Сојуз, но не го викаат на ЕП во јуни таа година. Две години подоцна, во 1970 се повлекува од фудбалот на 33 години и брзо станува тренер. Стадионот на Торпедо Москва во 1996. година го менува своето име во Едуард Стрелцов, а пред стадионот има негова голема статуа каде отпоздравува кон навивачите.