Една доста симпатична корејска фудбалска приказна

Ниту нешто ни значат имињата Гојанг Ситизенс и Ра Дае Гван, ниту сме чуле некогаш за нив. Ама тоа е најмалку битно. Важна е верноста во оваа куса сторија на нивниот единствен навивач кој успеаа да го расплакаат.

Пјонгчанг беше домаќин на Гојанг Ситизенс во рамките на третата лига во Кореја. Играа на стадион кој изгледаше празен, а сепак се слушаше едно ехо од тапан и скандирање „Напред Гојанг“.

Домашни навивачи на видеово не гледаме, туку само еден гостински кој му даваше силна поддршка на Гојанг Ситизенс.

Епа царот патувал сам 4 часа за да оди на ова третолигашко гостување, а пријателите му велеле: Зошто навиваш за лузери?

Но на тоа негово гостување работите се смениле. Гојанг кој бил во лоша серија од 7 порази во низа, му донесе огромна радост на навивачот Ра Дае Гван.

Прво поведоа, потоа примија смешен автогол, но во судиското продолженија имаа златна прилика за триумф. Добија пенал со кој славеа 1:2 и со тоа ја прекинаа серијата.

Стрелецот на голот не можеше да направи подобар гест од овој. Отиде да му се поклони на навивачот кој дошол сам да ги бодри, а овој плачеше од радост.

Да не постоеше ќе требаше да ја измислиме сторијава. Сам со тапан на гостување во трета корејска лига, плус со еден куп наредени знамиња на оградата. Цар.

29 мај 2019 - 11:06