Минатата недела, англискиот фудбалски магазин Фор Фор Ту на насловната страна го имаше актуелниот тренер на Дортмунд, Јирген Клоп под чија слика стоеше прашањето: „Кој ќе го добие најголемиот хипстер меѓу светските тренери“?
Да беше магазинот германски, човекот на насловната ќе беше некој друг. Најголемиот хипстер во Германија не е Клоп, туку еден друг поранешен тренер на Мајнц: Томас Тухел.
Пред 11 месеци, Тухел ја шокираше управата на Мајнц, за кој долги години капитен беше Македонецот Николче Новески. Тухел реши да одмора од фудбалот, крена раце и паузираше речиси една година иако договорот му важи до летово. Од тогаш до денес, го поврзуваа со многу германски клубови, пред сè со Шалке, Штутгарт, богатиот Лајпциг како и Хамбургер.
Германскиот Билд често го туркаше и како заменик на Јоаким Лев на селекторската клупа на Германија, а некои дури и го планираа за заменик на Пеп Гвардиола во Баерн Минхен во 2016. година.
Чудно за 41-годишен човек кој никогаш не освоил ништо во сениорскиот фудбал, но има харизма каква што немаат ниту Пеп и Клоп заедно, пишува ЕСПН.
Целата фама за тренерското коцкање во Борусија Дортмунд датира од 2008. година, кога се решија за Јирген Клоп. Пред да замине во Дортмунд, Клоп потпишал преддоговор со Хамбургер, чии раководни луѓе не биле задоволни од „несериозниот и чуден Клоп“ кој носи скинати фармерки, доцни на тренинг и е неуредно избричен. „Како таков човек ќе ни ја донесе потребната дисциплина“, се прашувале во Хамбург.
Клоп бил навреден од таквиот став, ги побарал раководните луѓе на Хамбургер и им кажал дека нема ништо од неговиот ангажман. Неколку месеци подоцна, Клоп потпиша со Дортмунд, клуб кој тонеше во долгови од 70 милиони евра и со години сонуваше европски фудбал.
Магијата на Јирген Клоп на Вестфален стадионот траеше цели седум години, во кои тој на два пати ја освои Бундеслигата и играше финале на Лигата на шампионите и на германскиот Куп.
Сега на ред е уште поголемиот хипстер Томас Тухел, за кој фудбалската јавност во Германија вели дека е уште поголем „лудак“ од Клоп во позитивна смисла и дека е идеално решение за Дортмунд после харизматичниот Јирген. Тухел ќе ги превземе „Милионерите“ од 1. јули 2015 година, кога му истекува договорот со Мајнц, а времето ќе покаже дали ќе го повтори успехот на својот претходник кој се остри за Премиер лигата.