Е сега може да веете палестинско знаме

Фудбалската лига на САД, МЛС им дала дозвола и зелено светло на навивачите на Колумбус Кру на своите домашни натпревари слободно да веат знамиња од Палестина, но само на нивната навивачка трибина зад голот, не и на другите.

Колумбус Кру кој е на високо 6. место и речиси сигурно ќе игра во доигрување за титулата во САД, неодамна го купил палестинскиот фудбалер Висам Абу Али за 7,5 милиони долари плус бонуси. Тој доаѓа од египетскиот шампион Ал Ахли.

Официјалната навивачка група на клубот, „Нордеке“, брзо побарал од МЛС лигата да им ја тргне 2-годишната забрана за веење палестинско знаме, како што во секоја земја е дозволено на трибини да се веат знамиња на различни земји од каде доаѓаат фудбалерите.

МЛС лигата строго се држела до ставот да нема политика на стадионите па странски знамиња речиси и да не се веат по трибините. Посебно знамињата на Израел и Палестина беа строго забранувани на фудбал во САД набрзо по 7-ми откомври 2023-та, со цел да се спречат конфликти и инциденти.

авивачите на Филаделфија Унион вееле израелско знаме во чест на нивниот нов фудбалер Таи Барибо кој потпиша два месеци пред тој 7-ми октомври 2023.

Навивачката група „Нордеке“ сега побарала дозвола и добила, односно МЛС направил исклучок.

„Набрзо откако Висам официјално беше претставен на тимот, ние пративме формално барање од управата на Кру со цел да се дозволи веење знамиња на сите земји претставени од нашите играчи“, рекол портпарол на навивачката група за сајтот Форнт Офис Спортс.

Од МЛС пак велат дека одат по принцип „од случај до случај“ во издавањето дозволи или забрани во врска со истакнување знамиња на странски земји на стадионите во САД.

Висам Абу Али е центарфор, има 26 години, тој е роден во Данска од палестински родители. За репрезентацијата на Палестина на 10 меча има 4 гола досега по дебито минатата година. Досега играл во младинските репрезентации на Данска па се решил на крај за Палестина.

„Голема чест за мене е да ги претставувам мојата земја и мојот народ. Нема да одам во политика зошто никогаш не сум го правел тоа, не е моја работа тоа, но да се биде главен лик на репрезентацијата на Палестина и на народот, секако дека сум горд на тоа“, вели најдобриот палестински играч во моментов.

Тој на Светското клупско првенство каде играше за египетски Ал Ахли постигнатиот гол на еден меч го прослави до имитација на карактер од цртан филм кој симболизира отпор на палестинско дете.

20 август 2025 - 11:31