Дека не забораваат сите фудбалери на хуманоста покажа Џонџо Шелви, корпулентниот везен играч на премиерлигашот Свонси Сити, по писмото кое го добил од дете кое има иста мака како него.
„Ти си одличен фудбалер и даде гол од 47 метри, па после и од корнер. Многу си добар. Знам дека играш за Свонси. Се викам Хери и исто како тебе имам Алопеција. Што мислиш за таа појава? Мене ми е ок затоа што не мора да одам на бербер, порано никогаш не сакав да се шишам. Може ли да дојдеш кај мене во школо, но прво кај мене дома. Ќе те однесам во мојот клас и ќе те запознаам со другарите", искрено му напишал малиот Хери од Лондон на Џонџо Шелви.
Во вториот дел од отвореното писмо, и мајката на Хери додала по некој збор:
„На Хери Алопецијата му се разви многу брзо. Тој е луд по фудбалот и често зборува дека му е полесно кога знае дека и во Премиер лигата има успешен фудбалер со ист проблем. Кога те гледа тебе, сфаќа дека може да направи големи нешта. Би ценеле доколку ни одговориш на ова негово писмо. На Хери тоа многу ќе му значи", напишала мајка му на Хери.
Родителите не чекале долго на одговор, затоа што Џонџо Шелви, веднаш ги повикал Хери и неговите родители да дојдат во хотелот каде била сместена екипата во карантин пред дуелот со Саутемптон.
Им обезбедил карти за ВИП ложата, а малиот Хери во дресот на Свонси на полувремето од натпреварот против Саутемптон изведувал пенали пред преполниот стадион и покажал дека го разбира фудбалот.
„Знам како му е, затоа што и јас израснав со Алопеција. Ми беше прилично тешко затоа што ми даваа разни прекари и се смееа на моја сметка. Сочувствував со Хери кога ми го прати писмото и мило ми беше што можам да споделам некои нешта со него и да го советувам како да се носи во одредени моменти. Се надевам дека ќе оди по исправен пат во животот. Убаво се забавуваше и тоа е најважно во целата приказна", изјавил Џонџо Шелви, поранешниот фудбалер на Ливерпул.