Другарите на Нејмар земаат месечна плата од 10.000 долари од него

Не би било ништо чудно доколку најдобриот бразилски фудбалер во моментов кариерата ја финишира како и неговиот славен претходник од Барселона, Роналдињо, кој во еден момент банкротираше поради постојани луди забави. Нејмар е тргнат по тој пат да го батали фудбалот.

„Во Америка гледаме многу супер ѕвезди, ама какви што имаат фудбалерите, пример Нејмер, тоа е сосема едно друго ниво. Околу нив се случува лудница, прав култ“, рекол НБА ѕвездата Дрејмонд Грин после неколку забави со Бразилецот на Ибица.

Од почеток на сениорската кариера Нејмар повеќе потсеќа на поп ѕвезда отколку на професионален спортист. А еден од главните атрибути на поп ѕвезда е огромниот тим од агенти, менаџери, адвокати, другари. Летово Нејмар ја продолжи шпанската сапуница која почна од летото 2017 кога сакаше да замине од ПСЖ во Барселона, во Реал или во Јувентус.

Кој сè влијае на неговите одлуки:

ТАТКО МУ, НЕЈМАР ДА СИЛВА САНТОС ЗАРАБОТИЛ ПОВЕЌЕ ОД 100 МИЛИОНИ ЕВРА НА ТРАНСФЕРИ НА СИН МУ

Улога: јавно тој е гласноговорник на Нејмар, а приватно е негов главен агент.

Нејмар постариот е класичен родител на спортист: постојано го брани синот и кога треба и кога не треба и ја влошува состојбата зошто мисли дека син му секогаш е во право и е најдобар. Во последно време најгласни родители на познати спортисти се мајка му на Адриен Рабио од Јувентус и татко му на Лонцо Бол од НБА.

Татко му на Нејмар сега се тушира со пари, ама во животот не му било баш најлесно.

Тој играл фудбал на времето во четврта бразилска лига. На 28 години ја изгубил целата заштеднина поради страшната економска криза во Бразил. Му останал само Опелот кој го возел.

Заедно со жена му, Сантос се преселил во едно станче во предградието близу една депонија. Таму се родил Нејмар. На 32 години Сантос Нејмар имал автомобилска незгода од која едвај останал жив. Поради повредите Сантос веќе не играл фудбал и почнал да се занимава со продажба на накит.

Но овој бизнис не му носел многу пари, па кога го видел талентот на малиот син Нејмар, решил да се фокусира на неговата кариера и поради него го преселил целото семејство во Сао Пауло.

„Секогаш викам дека надвор од теренот мој идол е татко ми. Во се сакам да е рамнам со него. Тој знае што да ми каже во тешки моменти. Ќе сруши планини за да ми помогне“, признал пред неколку години О’Неј.

Велат дека најдобриот бразилски фудбалер на денешницата не сака да го види очигледното - дека татко му е многу алчен за пари.

Во 2013 година, Нејмар-постариот организирал голема сага за трансфер на син му во Европа: во бразилски Сантос се јавувале најголемите клубови, а татко му бирал кој ќе плати најмногу. Кога Нејмар потпиша со Барса, Сантос Нејмар признал зошто го одбил Реал кој не бил спремен да даде толку пари.

Овој трансфер го заинтересира и обвинителството во Шпанија, но и во Бразил. Истрагата покажала дека се прокнижени 57,1 милион евра наместо договорените 94,8 милиони евра, со цел да се избегне плаќање данок.

Сите актери на трансферот се појавија на суд. Претседателот на клубот Сантос, Луис Рибеиро рекол: „Во тие 90 милиони колку што Барса ја чинеше трансферот на Нејмар, има и оргија на татко му во лондонски хотел на Пикадили. Можам да кажам дека татко му на Нејмар е лажго кој мисли само на пари. На пример јас 200 пати морав да му плаќам кафе. Тој само на пари мисли“.

По заминувањето на пи-ар менаџерот Едуардо Муси во 2015-та, татко му на Нејмар ја зел само за себе грижата за кариерата на син му. Тој дава изјави за медиуми, одлучува со кој бренд ќе потпишат договорот и влијае на трансфер одлуките.

Иако трансферот во Париз се испостави за еднакво бесмислен како оној на Бонучи во Милан, сепак Нејмар-постариот тука заработил 36 милиони евра бонус од ПСЖ.

Ако летово Нејмар смени клуб, татко му како агент би требал да земе сума од 50 милиони евра. Не баш лошо за човек кој играл фудбал во четврта лига па продавал накит.

МАЈКА МУ, НАДИН ДА СИЛВА САНТОС

Улога: јавно го штити и поддржува синот

Мајка му на Нејмар многу поретко се појавува во медиумите од татко му, но таа е многу важен човек во митологијата Нејмар. Неговите родители се развеле во 2008-ма, но синот никогаш не престанал да комуницира и да се гледа со мајката.

Надин има 50% од акциите на компанијата NRSport која владее со имиџ правата на Нејмар. Во 2016-та година таа морала да се појави на суд поради не плаќање данок.

Надин живее во Бразил и нема многу контрола над синот за кого одговара бескрупулозниот Сантос. По правило таа го поддржува син и на Инстаграм. Во јуни 2019-та го обвинија Нејмар за силување, а Надин пишала огромен пост во знак на поддршка на син ѝ.

МЕНАЏЕР - ПИНИ ЗАХАВИ, ЧОВЕКОТ КОЈ ГО ОДНЕСЕ ВО БАРСЕЛОНА

Улога: преговарач, конструктор на сложени трансфер операции, главна болка на Барселона

Пини Захави не е толку бахат како Рајола и Мендеш, не се појавува многу во јавност, но сигурно сте слушнале за неговите зделки: рекордниот трансфер на Рио Фердинанд од Лидс во Манчестер Јунајтед во 2002 година или зделката на Абрамович да го купи Челси во 2003-та или трансферите на Лукаку и Де Брујне во Челси итн.

Захави е многу скриен и затворен човек. За него работат неколку менаџерски компании. Специјализација на Израелецот се сложените трансфери.

Захави во октомври 2016-та договорил со Барса продолжување на договорот на Нејмар до 2021 година - а тогаш бразилскиот ас добил годишна плата од 32 милиони евра, а татко му 26 милиони евра од комисии.

Веќе следното лето менаџерот запна да го продаде Нејмар во ПСЖ. Барса била против, но трансферот беше неизбежен зошто газдите на клубот од Париз дадоа 222 милиони евра!

Во моментов Пини Захави има тешка задача да заврши обратен правец на Нејмар од ПСЖ во Барса, или да најде клуб кој ќе вложи не помалку од 200 милиони евра за трансфер на Бразилецот. Тешка задача, но со што се не се справил Захави.

ДРУГАРИТЕ КОИ ДОБИВААТ ПЛАТА ОД НЕЈМАР

Улога: да го забавуваат и да излегуваат со него

Татко му и менаџерот се најважни во кариерата на Нејмар, но секојдневно со него се другарите.

Неколку факти за ова:

- Во 2013 година Нејмар премина во Барселона, а заедно со него на презентацијата дошла група од другари и родители. Дури и претседателот на клубот Сандро Росел кажал дека на авионски карти за 15 луѓе Барса потрошила 300.000 евра.

- Во 2017 година кога потпишувал со ПСЖ, неговата банда пораснала па во Париз дошле 40 луѓе (дргугари, бербери, козметичари). Во 2017 година Нејмар купил мал авион со 10 места за летови со неговите другари.

Тие постојано се со него. Не му се мешаат во фудбалот. На Олимпијадата 2016 тие дошле во Рио и живееле заедно со Нејмар. Селекторот на Бразил Еразмо Дамиани ги пофалил за примерно однесување:

„На Олимпијадата немавме проблеми со другарите на Нејмар. Тој сакаше тие да живеат во хотелот со репрезентацијата. Но тие го почитуваа нашиот кодекс и се појавуваа само во слободно време“.

Во 2017 година другарите на Нејмар направиле заедничка тетоважа.

Со Нејмар постојано сакале да се дружат нови луѓе, но татко му го штити од несакани контакти. Во глобала тој има околу 30-40 блиски другари, а најблиски му се четворица: Гил Себола, Хота Амансио, Густаво Алмеида и Карлос Енрике.

Тие двајца патуваат со Нејмар од Бразил, а сега живеат со него во Париз и добиваат 10.000 евра секој месец (според информациите на Bleacher Report). Нејмар не е против да ги плаќа, но за возврат тој барал дискреција и никаков проток на информации во медиумите.

„Нејмар живее во постојан притисок. Ние му помагаме да се избави од стресот. Не зборуваме за фудбал, туку проаѓаме време заедно, излегуваме, шетаме, пливаме“, рекол еднаш Карлос Енрике во интерјву за Globo. Поради блискоста со Нејмар, Амансио на Инстаграм има 632.000 следбеници, а Себол 519.000.

Што се однесува до љубовниот живот, Нејмар редовно менува партнерки. За него најважно било тие да му бидат сонароднички и да бидат од јавниот свет (глумици, пеачки, водителки, модели).

Во 2011-та година кога имаше 19 години го добил синот Лука (8) кој му е од тогашната прва девојка со која излезе во јавност, Каролина Дантас. Малиот Лука живее со мајка му во Бразил, а Нејмар најмалку еднаш има право да го види малиот.

26 јули 2019 - 16:20