Само два пати од стартот на мундијалската историја во 1930 година, пехарот го подигнале европските репрезентации на друг континент. Шпанија победи во Јужна Африка 2010 година и Германија во Бразил четири години подоцна.
Но, сега постои голема веројатност тоа да се случи трет пат. Најпрвин шест од осум селекции завршија во топ 8. Тоа се Белгија, Англија, Франција, Норвешка, Шпанија и Швајцарија. Другите две беа Аргентина и Мароко.
Ова е најголем број европски тимови што стигнале до четвртинале на Светско првенство што се одржува надвор од Европа од 1994 година. Сега се три од четири: Франција, Шпанија и Англија.

Колку силни биле европските репрезентации?
Европјаните покажаа моќ на ова Светско првенство, но стартот им беше неубедлив. Дури седум од првите 10 европски репрезентации што ги одиграа своите први натпревари од групната фаза не успеаја да победат.
Жештината во САД беше тема на разговор пред почетокот, па голем број екипи, вклучувајќи ја и Англија, се сместија во топли области за да се аклиматизираат пред нивните први натпревари.
Но, малкумина селектори го посочија прстот кон условите за нивниот бавен почеток.
Откако Белгија започна со нерешен резултат против Египет, селекторот Руди Гарсија рече:
„Без разлика дали е 10 или 30 степени, требаше да се справиме подобро“.
Но, на крајот европските екипи се вратија во игра и до финишот на групната фаза стигнаа до скор против неевропските од 17 победи, 12 нерешени и 7 порази.
Во нокаут фазата, некои од европските нации исто така импресионираа. Жешка тема беше тешкото патување на Англија на Ацтека, каде што мораа да се справат со незгоден Мексико, надморска височина и непријателска публика. Но, се справија.
Во меѓувреме, Франција излезе на крај со пргавиот Парагвај за да продолжи во осминафиналето, додека Белгија се справи со домашната публика која имашпе големи очекувања од САД.

Но, дали секогаш ќе има многу европски тимови во завршницата?
Да, Европа веројатно секогаш ќе има селекции во оваа фаза од турнирот, со оглед на тоа што ѝ се доделени 16 места за Светското првенство, повеќе од кој било друг континент.
Со проширениот формат на 48 тима и дополнителна нокаут рунда, сепак е импресивно што тие доминираа додека петкратните светски прваци Бразил беа елиминирани, а ко-домаќините на турнирот Канада, Мексико и САД испаднаа во осминафиналето.
Европјаните исто така доминираат на светската ранг-листа на ФИФА. Пет во топ 8 се од Европа, а четири од нив стигнаа до четвртфинале. Португалија, рангирана на седмото место, беше елиминирана од Шпанија во европскиот натпревар од осминафиналето.
Франција го започна првенството како фаворит и засега ги исполнува очекувањата, а Мбапе е во конкуренција за Златната копачка со 8 гола.
„Тешко е да се занемари Франција со нивната огнена моќ, кога ќе помислите на дополнително време во жештините против уморни нозе“, рече во своето предвидување поранешниот играч од средниот ред на Англија, Дени Марфи.
„Играчи како Рајан Черки, Усман Дембеле и Дезир Ду не можат сите да започнат, но можат да направат пресвртница ако влезат во игра по 70 минута на 30 степени.“

Изненадувањата ги поместија квотите
Веројатно ќе беше најголемо изненадување ако Франција, Шпанија и Англија не стигнеа до оваа фаза од натпреварувањето.
Но, имаше неколку европски селекции кои се истакнаа над очекувањата.
Норвешка го искористи максимумот од своето враќање на Светското првенство за прв пат од 1998 година, потпомогнато од Ерлинг Халанд кој блескаше со 7 гола. Против Англија испаднаа дури во судиско.
Швајцарија се истакна и остана смирена и покрај тоа што се соочи со застрашувачка атмосфера во победата по изведувањето на пенали против Колумбија во последното осминафинале.
Нивната победа значеше четвртфинале за прв пат од СП 1954 година. Против светскиот првак се изборија за 120 минути фудбал.
Европското патување продолжува и токму бранителот на титулата може да спречи, да не триумфира европска земја на неевропско тло по трет пат во историјата.