До скоро најголем светски талент и ѕвезда на Интер и Порто, правел лом дома и со полиција

Ако светот се чудеше на судбината на Бразилецот Адријано кој од врвот на светска слава, пари, моќ, талент и огромен успех падна на најниско ниво на алкохолизам по фавелите во Рио де Жанеиро, пред неколку месеци дојде нов таков случај со еден друг познат фудбалер.

Видеово е од еден од најспектакуларните голови во кариерата на Колумбиецот Фреди Гуарин, денес 35-годишен фудбалер на колумбиски Милионариос, а до пред некоја година главна ѕвезда на Порто и Интер:

Но последното видео со него од април годинава не е поврзано со фудбал а изгледа многу, многу потресно.

На него се гледа раскрварен Фреди Гуарин како го вадат од домот на неговите родители во градот Меделин (да, градот каде живеел босот Пабло Ескобар), во многу агресивна состојба, во крв од глава до пети и очигледно под дејство на алкохол.

Во полиција бил пријавен случај за семејно насилство на линијата 123. Од таму раскажале дека се јавиле родители да се пожалат на односот на својот син (Гуарин). Кога полицајците дошле на место, веќе имало телесни повреди меѓу родителите и синот.

Ни по обидот за приведување, ѕвездата на репрезентацијата на Колумбија не се смирила. Прво го однеле во болница, целиот во крв, ама и таму одново направил тепачка, ги нападнал лекарите и полицајците кои морале да употребат сила за да го скротат Фреди Гуарин.

Според наводите на полицијата, тие би можеле да покренат постапка против Гуарин за напад на службени лица на должност и очекуваат дека и родителите ќе го дадат на суд за крвавиот хаос кој го направил. 

Гуарин неколку дена подоцна, во видео во живо на Инстаграм со пеачката Алзате, првпат се отворил за страшниот настан кој го опишал како „најлошо срање во неговиот живот“.

„Не сум таков, како да полудев, испив неколку пијалаци“, се каел Колумбиецот кој играше на Светско првенство 2014.

Пеачката Алзате рекла и дека медиумите и социјалните мрежи го распнале Гуарин зошто е јавна личност и спортски идол. „Кој не испил неколку пијалаци, кој не се напил во животот“?, прашала таа.

Во разговорот кој траел триесетина минути на Инстаграм, Гуарин признал дека тешко време поминал и во Кина каде го јадела носталгија.

Во клубот Милионариос каде играл до јули годинава кога му истекол договорот, биле свесни дека Фреди има сериозни проблеми со однесувањето дури и пред нападот кај родителите. Затоа одлучиле да го поддржат и да му помогнат.

„ФК Милионариос жали за настаните кои се случија денес а се поврзани со Фреди Гуарин. Изразуваме поддршка до неговото семејство. Ќе бидеме со нив и ќе пружиме професионална помош која е потребна во овој критичен момент. Фреди многу му даде на колумбискиот фудбал и секогаш ќе ја цениме неговата голема љубов кон Милионариос“, стои во соопштението.

Играчите и стручниот штаб исто го поддржале Гуарин и пуштиле заедничко соопштение:

„Стручниот штаб и играчите на ФК Милионариос изразуваат целосна поддршка за нашиот колега и другар Фреди Гуарин во оваа животна ситуација со која се соочил. Во денешно време треба да се водиме со уважување едни со други. Фреди е неизмерно важен човек за нашето семејство. Ние знаеме дека ќе има сила да ја преживее оваа ситуација за пак да му се врати на теренот“.

11 ноември 2021 - 10:20