Нема Вардарец кој не уживаше, не пееше и не пиеше пиво во чест на Вардар минатото лето. Лето господово во кое на црвено црната мина нагази прво Малме, за малку Копенхаген, а потоа турскиот гигант Фенербахче.
Лето 2017-та кое ќе остане запишано со златни букви бидејќи се случи долгопосакуваниот и очекуван влез во Европа. Играчите и навивачите го славеа заедно во Дебар Маало. Таму беше тешко, ама барем убаво да се стигне и да се игра за барем да се искуси, а сега што понатаму?
Една година подоцна Вардар е без скоро сите јунаци кои ја испишаа историјата наречена Лига Европа и на прсти се бројат тие кои останаа.
Беа способни да елиминираат екипи со десетици пати поголеми буџети и поранешни учесници во ЛШ, а сега се простија од Европа по само еден двочем со Пјуник од Ерменија кој со ланската екипа ќе го прегазеа.
Тимот за жал не е квалитетен ниту за нашето бедно првенство, а камо ли за нешто повеќе. Дури се шпекулира и за повлекување на газда Самсоненко и предавање на клубот повторно во рацете на град Скопје.
Како и да е, па барем ветувањата да си ги исполнеа. Ги ветија за 70-от роденден, а вчера Вардар наполни 71 и уште ништо од тоа. Зарем овој клуб не заслужува една изложба на фотографии од својата богата историја?
Освен за пропаднатото европско лето уште во прво коло, недостигот на квалитетни засилувања, штета и за овие четири точки. А се зборуваше за таканаречената ревардаризација.