Почнува Европско првенство: Кој, каде, кога и како?

Со натпреварот Италија - Турција од 21:00 часот на стадионот „Олимпико“ во Рим ќе стартува големото и долгоочекувано Евро 2020. За првпат во историјата на еден голем турнир ќе играат и дебитантите Македонија и Финска. Што сè ќе има на Европско летово?

Европско првенство се игра на секои четири години. Требаше да се одржи лани во 2020-та но поради глобалната пандемија се одложи за годинава па следното ќе се игра за 3 како што е предвидено.

УЕФА реши да го задржи логото ЕУРО2020 па нека не ве чуди ако го гледате често.

На Евро2020 ќе играат 24 репрезентации од Европа. Поделени се во 6 групи со по 4 селекции а во групата ќе игра секој со секого, па на крај најдобрите две репрезентации од секоја група одат во следна фаза. Пласман понатаму ќе обезбедат и четири најдобро третопласирани репрезентации.

После групна фаза следува плејоф. Таму се игра на елиминации: губиш-испаѓаш. За да се стигне до финале една репрезентација мора да пројде четири фази - група, 1/8 финале, 1/4 финале, 1/2 финале.

КАДЕ ЌЕ СЕ ИГРА ЕВРО2020?

Натпреварите ќе се играат во 11 града во 11 земји (првично беа 13 града но Билбао и Даблин одбија да дозволат влез за навивачи поради нестабилната ситуација со вирусот па УЕФА им одзема домаќинства и им даде плус средби на Санкт Петербрург и Лондон).

Европско ќе се игра во: Санкт Петербург, Копенхаген, Баку, Рим (натпревар на отворањето на Евро2020), Будимпешта, Букурешт, Амстердам, Минхен, Глазгов, Севиља, Лондон (полуфинале и финале).

Секоја група ќе игра во два града (Македонија ќе игра во Букурешт и Амстердам). Европско секогаш низ историјата се играло во една или две земји домаќини но УЕФА реши поради јубилејот 60 години од првото Евро, да направи фудбалски празник ширум Европа но решението не беше баш најсреќно поради пандемијата. 

КРИТЕРИУМИ ЗА ПЛАСМАН ПОНАТАМУ И ВЛЕЗ ОД ТРЕТО МЕСТО

Победа носи 3 бода, нерешено 1. За првите две се е јасно (во случај на исто бодови главен критериум се меѓусебни дуели па после гол разила), а на патот до нокаут фаза од трето место е комплицирано.

За една репрезентација како трета во група да оди понатаму, треба да собере што е можно повеќе бодови и да се најде меѓу најдобрите третопласирани од другите групи.

Ако третиот од една група има исто бодови со трет од друга група, тогаш се гледа гол разлика, постигнати голови, победи и општо количество на фер плеј (жолти, црвени картони), рејтинг на ранг листа итн. 

КОИ СЕ ФАВОРИТИ?

Според обложувалниците, најголеми шанси им се даваат на Франција, Белгија, Англија, Португалија, Италија, Германија и Шпанија.

КОЛКУ ЌЕ ЗАРАБОТАТ РЕПРЕЗЕНТАЦИИТЕ/ФЕДЕРАЦИИТЕ?

Фондот за Евро 2020 е 371 милион евра. Секоја репрезентација загарантирано добива 9,25 милиони евра што е премија за сите учесници.

Останатите премии се: во групна фаза 1,5 милиони евра за победа, 750.000 за нерешено. За пласман во плејоф УЕФА дава дополнителни 2 милиони евра, за влез во четвртфинале - 3,25 милиони евра, за полуфинале - 5 милиони евра. За пласман во големото финале репрезентациите ќе добијат по 7 милиони евра а победникот уште 3 милиони евра. Максимална сума која една селекција со сите победи до крај може да ја добие е 34 милиони евра

ЌЕ ИМА ЛИ ВАР И ШТО Е СО ДРУГИТЕ ПРАВИЛА?

Во фудбалот веќе неколку години работи системот ВАР (видео-асистент рефери). Освен судиите на терен има и судии кои седат во ВАР соби и на големи монитори ги следат сите важни моменти (гол, пенал, офсајд, прекршок). Во случај судијата да не види нешто, ВАР собата му сугерира на судијата да погледне видео снимка од спорниот момент и одлуката конечна ја носи сам.

На ЕВРО2020 ќе има и изменето правило за играта со рака, најспорното правило во последните неколку години. Пред Европско го едитираа пак, па сега одново не секоја игра со рака ќе биде стриктно досудена како прекршок. При случајно играње со рака головите нема да бидат поништувани како досега. Тоа секако не значи дека гол со намерно играње со рака ќе биде признаен.

ЕКСЕЛОТ ЗА ЕП 2020