Дедото журкаџија кој го направи Ајнтрахт Франкфурт европски шампион од второлигаш

Германскиот Ајнтрахт го освои првиот евро пехар после цели 42 години. Тогаш, во 1980-та славеа во Куп на УЕФА, сега славеа во истиот турнир со друго име - Лига Европа. Огромни заслуги за историскиот успех носи уникатниот претседател на клубот - 63 годишниот Петер Фишер.

ЧОВЕК ОД НАРОДОТ ЗА НАРОДОТ

Пред 20 години Петер Фишер, човек со биографија за книга, случајно западнал во фудбалот во кој ги скрши сите бариери и шаблони и го донесе Ајнтрахт на врвот. Тој е најомилениот човек меѓу навивачите на Ајнтрахт и омилен лик во цел Франкфурт.

За неговиот животен пат треба да се сними филм за да се доловат сите пустоловини кои ги доживеал. И натаму после сè е човек од народот, за народот.

Доказ за тоа е една епизода од пред пет години.

Во 2017-та тој дома на Божиќ поканил 20 случајно одбрани бездомници од улица. Сите го прославиле празникот не само со Фишер туку и заедно со девојка му и синот. „Јас сум човек од народот“, вели тој за себе.

Родителите на Фишер кој се родил во градчето Гисен на 50 километри од Франкфурт се развеле кога тој бил прво одделение. Малиот се преселил кај татко му кој загинал во сообраќајка кога Питер имал едвај девет години.

Тогаш мајката не се покажала силно заинтересирана за синот, па Фишер го почнал својот пат по домови за деца. На 14 години избегал од надзоот и отишол во Франкфурт за кој многу му раскажувал татко му. Од тие разговори малиот посебно ги запаметил метрото и аеродромот.

Во Франкфурт малиот Петер работел секаква работа за да преживее и да му помогне на дедото кај кого се преселил и кого едвај го познавал. Работел утовар и истовар на пазар, бил во санитетска единица, бил во рекламна агенција. Но никогаш не заборавал на образование: одел на англиски, одел во театарот Рајнер Фасбиндер, посетувал џез свирки, библиотеки итн.

Во Франкфурт првпат се запознал со фудбалот од близу. Татко му бил навивач на Ајнтрахт и бил на финалето на германското првенство во Берлин во 1959 против Кикерс Офенбах.

На еден меч на Ајнтрахт Петер првпат дошол во 1969-та кога со последните три марки купил знаме во боите на Франкфурт и бил на гостување во Штуттгарт.

Во прво време се шверцал бесплатно на стадион зошто немал пари а другар му знаел како да влегуваат. После одел со навивачите зад голот па на крај во централната ложа. „Тоа е цел еден циклус кој го поминав за 20 години. На крајот од тој пат просто си викаш: „Прекрасно. Сега и јас можам да седнам на тие места“.

Во 2018-та Фишер по шести пат бил избран за претседател на Ајнтрахт. Резултатот му бил неверојатен: 99% од гласовите биле за него (1297 од 1308, само двајца биле за друг кандидат а останатите биле воздржани).

Подолго од Петер Фишер никој не бил претседател на Ајнтрахт. 20 години го води клубот.

Деновиве во големото славје тој рекол: „Дајте да се сетиме пред 20 години, во август 2000. година кога првпат влегов во нашата канцеларија во Ридервалд. Овде имаше дрвена колиба, глувци трчаа, немаше греење“.

Во тој момент во клубот работеле само четворица луѓе, членски карти имале пет илјади луѓе, посетеноста опаднала. Во сезоната 2001/2002 во втората германска Бундеслига имале по 13.000 гледачи.

Целиот клуб одел кон пропаст. По испаѓањето во втора лига во 2001-ва Ајнтрахт останал без финансиска помош од американскиот гигант Octagon. Дупката во буџетот стигнала до 8 милиони евра и од гаснење Ајнтрахт го спасиле во последен момент пулт од градските компании (аеродромот, електро-енергија, оператори итн.).

Тогаш Фишер ги објавил целите кои би го вратиле клубот во прва лига: 10.000 редовни клупски членови, современ тренинг центар, Ајнтрахт да стане мултиспортски бренд не само фудбалски.

Медиумите заборавиле на тоа, а Фишер се држел до кажаното. Во Ридервалд со текот на времето изградиле современа база и канцеларии, членски карти имаат повеќе од 80.000 луѓе, стадионот за 51.000 гледачи е мал, крца на секој натпревар а влезниците за Лига Европа се продавале како алва за три часа.

Ајнтрахт веќе зборувал со градските власти за проширување на стадионот до 60.000 места.

Во 2020-та година Фишер почнал изградба на фудбалска академија на Ајнтрахт во САД, Канада и Мексико. Тој е заслужен што клубот навистина станал мултиспортска компанија е не само фудбалски клуб: во Франкфурт сега има секции во 51 различен спорт. Во градот со 750.000 жители во овие секции тренираат околу 11.000 машки и девојчиња. Притоа не само деца туку има и сали и базени за возрасни.

Кога Фишер го прашуваат како го направил клубот да биде сестран, тој рекол:

„Просто умеам да го направам подобар. Кога дојдов во Ајнтрахт, веднаш почнав да си правам слики во глава. Пред очи ми се појави слика: Дете од шест месеци до 12 години. Те уште лазат во пелени но прават гимнастика. Претставував девојчиња и машки во опрема на Ајнтрахт како тренираат џудо, атлетика, кошарка, хокеј и бокс. Деца од различно потекло и боја на кожа. И сите во мислите ми носеа орел (симболот на Ајнтрахт Франкфурт) на дресовите. Тоа ми беше доволно“.

МНОГУ ГОЛЕМА ЗАСЛУГА ИМААТ И СКАУТИ ДОЈДЕНИ ОД ШТУТГАРТ КОЈ СОБРАЛЕ ЕКИПА ЗА ДВА ГРОША А СО ПРОДАЖБАТА ГИ ВРАТИЛЕ СИТЕ ДОЛГОВИ

Планот на Фишер бил одличен. Но секоја од 51 секции во Ајнтрахт не би била тоа што е да не беа успесите на фудбалскиот клуб во последните три-четири години.

Фишер направил систем: во канцелариите имало 16 сектори. За финансии бил задолжен Оливер Фланкенбах, за маркетинг Аксел Хелман а полн погодок Фишер направил во 2016-та кога го ангажирал Фреди Бобич од Штутарт за спортски директор.

Со него во Франкфурт дојде и главниот скаут на Штутгарт Бенвенидо Манга (роден во Екваторијална Гвинеа, играл во помали клубови во Германија, а во 2003-та станал скаут и тренер на јуниори).

 Токму Манга бил најзаслужен за неверојатните скаут откритија. Во Франкфурт со Бобич го донеле тренерот Ади Хитер, тренер кој го освои Купот на Германија со Ајнтрахт и кој растураше во Лига Европа со офанзивен фудбал: 4 гола им даде на Лацио, Марсеј и Шахтјор.

За 23,7 милиони евра Бобич и Манга направиле тим кој стигна до полуфинале на Лига Европа. Напаѓачкото трио Ребиќ-Лука Јовиќ-Алер им донело 55 гола и 25 асистенции а потоа двајцата напаѓачи Алер и Јовиќ беа продадени за 100 милиони евра! (во летото 2019 Јовиќ за 60 милиони евра отиде во Реал, а Алер за 40 милиони во Вест Хем).

„Почнавме така што не можевме да потрошиме повеќе од 2,5 милиони евра во еден преоден рок. Не можевме да си дозволиме германски играчи“, се сеќава Бобич.

Во сезоната 2017/2018 во составот имале 11 разни националности.

Во 2018-та Бобич бил прогласен од Kicker за човек на годината во фудбалот затоа што на клубот му донел од трансфери повеќе стотици милиони евра. Во 2019-та заработиле 200 милиони евра („само од Лига Европа добивме од 35 до 40 милиони евра а од тв приходи уште 73 милиони евра“, вели финансискиот директор Хелман).

Претседателот Фишер никогаш не зборува за финансии. За него поважна е атмосферата. Без неа во Франкфурт немале да дојдат ниту Бобич и Манга кој во последен момент раскинал договор со Хамбург за да дојде во Ајнтрахт.

„Секој пат кога потпишувам нов договор со клубот, го правам тоа под влијание на разговорот со претседателот Фишер“, вели голманот Кевин Трап кој дојде од ПСЖ и кој стана херој на финалето со Ренџерс во Лига Европа.

Фишер на разговори за продолжување договор доаѓа кај играчите на гости со неговото Porcshe 911. 

Голем удар за клубот било кога тренерот Нико Ковач на сред сезона решил да открие дека потпишал договор со Баерн Минхен. Некои за тоа би му дале отказ, но Фишер бил смирен:

„Во целост го разбирам тренерот. Нема тука ништо лицемерно“, рекол претседателот за поранешниот тренер кој го повикал на коктел за двојната круна на Баерн во 2019.

Навивачите го обожуваат стариот Фишер. Доказ за тоа е гостинскиот меч со Интер во Милано кога преку 20.000 навивачи на Ајнтрахт допатуваа во градот на модата. Дента на Фишер му бил роденден па сите му го честитале на централниот градски плоштад. 

Во 2017-та, Фишер како познат противник на радикалните партии, го прашале дали би можел некој гласач на ултра-радикалната странка „Алтернатива за Германија“ да биде член на Ајнтрахт, тој рекол: „Не! Кај нас нема места за морничави легла. Додека сум јас тука во Ајнтрахт нема да има нацисти. Мене ми е срам за тие 13% население кои гласаа за нив. Никој не може да бира партија во која има силни расистички и нечовечки тенденции“, рекол Фишер.

Навивачите на Ајнтрахт важат за најмултикултурална група во Европа. Меѓу нив има секакви вери, нации, религии, традиции. Но над сè им е клубот.

Во 2013-та тој полетал со екипата во Баку каде германскиот тим играл квалификации за Лига Европа против Карабах. На враќање целиот авион бил задржан во Франкфурт на неколку часа. Фишер чекал долго време заедно со сите навивачи во авионот а во еден момент влегол во дјути фри шоп и од таму донел неколку флаши виски за 250 евра за да им ги раздели на навивачите кои почнале да се нервираат.

Во квалификации за Лига Европа еднаш во Талин во Естонија против Флора, Фишер го гледал мечот со навивачите на трибина. Кога му скандирале „Петер Фишер“ тој се напил од пивото кој му го дал некој од толпата а после од џеп извадил неколку стотини евра и му ги дал на случаен навивач.

ФИШЕР СЛУЧАЈНО СТАНАЛ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АЈНТРАХТ

За својот алкохолен вкус, Фишер еднаш во 2018 пред мечот со Шахтјор рекол: „Во водка пиење нема да ме победи ни еден Украинец“.

Тој сака да носи виолетови костуми и летни маици. Едноставно сака да биде поблизок со народот. Оди без обезбедување, сам си спрема јадење, изнајмува стан во Франкфурт а прима плата само на една позиција иако не е само претседател туку и заменик претседател на управниот одбор). Тој имал најниска плата во цела Бундеслига - 8.000 евра месечно. За пример претседателот на Мајнц зема 23.000 ева месечна плата.

Неговиот успех во кариерата бил постепен а не преку ноќ. Не одел веднаш во ВИП ложа туку почнал како сезонски работник. Со нешто повеќе од 20 години отворил мала продавница за тениска опрема која пораснала до таа мера што можел да си дозволи да отвори два големи бутици, да осмисли сопствена маркетинг агенција, да одржи предавања за технологија и управување и уште во '70-те години се опуштал на Ибица, на Мајорка.

За 40 години Фишер се соединил со забавната индустрија до толку што и натаму изгледа како опуштен милионер кој ужива во коктели и плажи. Се венчал на Хаваи за 12 години помлада Бразилка (но се развел и сега живее со 30 години помлада дама), често е опкружен од разголени манекенки.

19 мај 2022 - 09:31