Победата на Македонија против Израел не е од некое огромно резултатско значење, туку е повеќе како награда и сатисфакција за играта и трудот кој го вложуваат овие момци, кои незаслужено ќе беше ако не завршеа трети.
Овој збир на играчи мајко му како да се од друг калап. Ниту нозе им се тресат, ниту играат без концепт со долги топки, ниту па прават киксови во одбрана кои не се за простување, а какви голови сме примале, коси си корневме во минатото
Едно време имавме столбови како Седловски, Митревски, Васовски, Новевски и мислевме дека топка нема да помине, а сега и со помал и помалку искусен фонд на играчи во одбрана, делуваме поцврсто и не примаме смешни голови.
Друг е овој лик на репрезентација целосно, не само во одбрана, па впрочем и кога сме имале толку зрели шанси како оние на Елмас и Барди по само 2 минути игра? Фудбалерот на Наполи ако ја пласираше поубаво ќе го имаше најбрзиот гол во историјата на Македонија. Да не зборуваме и за брзите и куси проигрувања и петици во средина, каде едно време нивни претходници два пасови не врзуваа.
Кој ја следи оваа репрезентација редовно и внимателно, ќе забележи многу евидентни промени на подобро скоро кај сите.
Спортинг на Рики му даде поголема зрелост и искуство, Висар Муслиу е посигурен во одбрана, Столе вади некои интервенции кои воопшто не се наивни. Во средина пак никогаш подобро и никогаш побројно, а Мрме сигурно и мака мачи кого попрво да стави.
Синоќа не беше баш така, бидејќи во комбинација не беа стартери како Адеми, Алиоски, Спировски, но како никој да не забележи дека отсуствуваа, затоа што Бобан Николов беше Н`Голо Канте. Го имаше и напред и назад и во средина и плус го реши мечот. Блескава партија на членот на унгарски Фехервар каде се заедно со Муслиу.
Во напад фалеа Тричковски и Трајковски, ама затоа тука беше Пандев кој дава максимум на секој меч и со кој некако сè е подруго на теренот. Иле не е во истата форма како кога беше во Палермо, ама се бори, а јавноста откри дека сме имале талентиран напаѓач и во француско. Се работи за членот на Ним, Влатко Стојановски кој го начна голот на Австријците од за жал третата 100 процентна шанса. Ете ти нов шпиц.
Во оваа репрезентација се создаде една атмосфера која не се памети кога друг пат ја имало. Нема разлики, ни по вера, ни по возраст, се гледа дека играат еден за сите, сите за еден. Постои сплотеност и заедништво кое ги краси и во соблекувална и на терен. Бобан даде гол и сите се радуваа со него како на Градски да паднал Бразил. Ама па така се билда позитивен дух.
Ова што се создаде со помош на Игор Ангеловски, стручниот штаб и играчите не е од вчера. Промените на подобро почнаа да излегуваат на површина од квалификацискиот циклус за СП 2018, кога на гости и скинавме бод на големата Италија, која кај нас се провлече во последни секунди.
Тој бод против Италија, па против Албанија и гостинската победа против Израел беа задоцнета реакција на позитивни резултати, ама затоа следуваше Лигата на нации. Таму целта беше остварена, ист пристап против сите, без разлика што се аутсајдери и освојување на прво место во групата. Порано и со такви киксавме.
Ако некој се посомнева во тоа дека нема сплотеност и заедништво кај овие дечки, ајде да им ги ѕирнеме резултатите. Знаете ли каков скор имаат во последниве 3 години? 14 победи, 7 нерешени и само 6 порази.
Во 2017-та само од Шпанија, лани од Ерменија, а годинава од Полска и Австрија по два пати. Само оној висок пораз со Ерменците од 4:0 може да се смета за кикс, бидејќи другите три земји се друга класа.
Плус на ранг листа во март 2017-та бевме на срамното 166-то место, а сега сме 68-ми.
И покрај тоа што во овие квалификации не ни падна гигант од рангот на Шланија, Италија или Англија, третото место е успех, како плод на трудот, играта и залагањето на момците. Тие што ги зграпчија првите две позиции си го оправдаа статусот на фаворити.
Капитенот Пандев изјави дека едвај го чека мечот против Косово кој е закажан за 26 март, затоа што гори од желба и тој и сите околу него да заиграат на европско кое го заслужуваат повеќе од било кога. Форца рагаци.