Давиде Анчелоти - јунакот на Реал Мадрид од сенка, води тренинзи, знае 5 јазици и учи од татко му

Карло и Давиде Анчелоти ги рушат стереотипите дека татко и син не можат заедно да работат зошто секогаш ќе имаат различни ставови и погледи на светот околу себе како постар и помлад.

Што знаеме за тренерската кариера на синот на Карло?

Карло Анчелоти е најтрофејниот тренер во Лига на шампиони со 6 освоени титули: 4 како тренер и 2 како играч. Дон Карлето знае како се освојува највредниот пехар.

Последниот трофеј освоен во Париз веројатно му е најдраг, затоа што го освои со син му како прв асистент.

Давиде Анчелоти не е првпат до татко му на клупата. Во 2014-та кога Реал ја освои култната Ла Десима (десетта титула во Лига на шампиони), тогаш 24-годишниот Давиде бил одговорен за физичката подготвеност на играчите. А сега во улога на помошен тренер и втор човек во стручниот штаб после Карло.

ИГРАЛ ВО АКАДЕМИЈАТА НА МИЛАН НО ЗАВРШИЛ НА 20 ГОДИНИ И СЕ ПОСВЕТИЛ НА УЧЕЊЕ

Давиде Анчелоти е роден во 1989-та година, само пар месеци откако татко му како играч освоил Куп на европски шампиони со Милан на Гулит, Ван Бастен, Барези...

Синот на Карло почнал да тренира фудбал во црвено-црната академија. Играл во среден ред и едно време бил на позајмици во пониските лиги во Италија за да стекне искуство. Но со тек на време сфатил дека нема да се најаде многу леб од играчка кариера иако во еден момент неговата пазарна цена како играч била 50 илјади евра.

„Сите сакаат да станат фудбалери. Јас сфатив дека немам талент па затоа решив да учам. Играв во петта лига, бев многу бавен. Како тренер сум подобар“, рекол Анчелоти-помладиот.

На 20 години ги трга копачките и се фаќа за книга. Во тој момент учел спортски науки на универзитетот во Парма. Неговиот труд за моторика на фудбалерите ги воодушевил членовите на комисијата а одлично ја завршил и дипломската работа посветена на трошење енергија кај фудбалерите.

ПОЧНАЛ ВО ПСЖ КАКО ТРЕНЕР ПО ФИЗИЧКА ПОДГОТОВЕНОСТ, ВО БАЕРН МУ СТАНАЛ ПОМОШНИК НА КАРЛО

Во 2009-та година Давиде ја завршил играчката кариера, па уште неколку години учел и се усовршувал. Му помагал на татко му додека беше тренер на Челси и на крај во јануари 2012-та ја почнал првата сериозна работа како тренер за физичка подготовка во ПСЖ каде тренер беше татко му.

Давиде понатаму го следел татко му насекаде во кариерата. Во Реал Мадрид исто работел како тренер за физичка подготвеност, а во Баерн Минхен станал прв помошник, десна рака на Карло.

Во слободно време учел за УЕФА Б лиценца (на решавачкиот испит имал 137 од 140 поени) а после стекнал и А лиценца (13 од 15 можни поени, најдобар резултат во целиот клас).

ДАВИДЕ ЗБОРИ 5 ЈАЗИЦИ, ФУДБАЛЕРИТЕ МНОГУ ГО ЦЕНАТ

Синот на Анчелоти знае италијански, англиски, германски, француски и шпански. Тоа во денешно време и во современиот фудбал е многу важен фактор.

Пред да дојде во Баерн Минхен каде Карло беше тренер, Давиде Анчелоти 8 месеци изучувал германски и му помагал на татко му во комуникација со домашните играчи.

Во Баерн е многу строго со странските јазици. Поради голем број странци и поради ризик од групирање на играчите по јазична основа, претседателот Ули Хенес настојувал во соблекувална и на тренинг сите да зборуваат стриктно на германски. Во спротивно ги казнувале парично оние кои не ја почитувале оваа одредба.

Во Евертон благодарение на тоа што знае 5 јазици Давиде нашол заеднички јазик со сите. Кај Марко Силва, претходникот на Анчелоти во Евертон, во екипата се имало јазични бариери и немало ред. Но Анчелоти-помладиот успеал да направи рамнотежа.

„На тренинзи може да се види како Давиде им се допаѓа на сите. Иако немал кариера ако играч, фудбалерите го ценат. Мислам дека тоа е поради фактот дека е млад и работи на себе“, рекол за The Athletic извор од Евертон.

Исто било и во Реал Мадрид каде младиот Давиде се нашол во друштво со мега ѕвезди како Роналдо и Серхио Рамос.

ДАВИДЕ ЧЕСТО СЕ СПОРИ СО ТАТКО МУ ЗА ТАКТИЧКИ ЗАМИСЛИ

„Јас помагам за време на тренинзи и за подготовки на натпреварите. Помагам со превод. Татко ми добро зборува германски но уште не разбира сè“, рекол еднаш Давиде во Баерн.

Блиски луѓе од штабот на Анчелоти раскажуваат дека има сериозни дискусии меѓу таткото и синот за тактичка филозофија. И двајцата биле целосно отворени и правеле добра атмосфера во колективот. Во Евертон например вработените уживале во муабети со Карло и син му.

Анчелоти се консултира многу со сите, но крајните решенија ги носи сам. Давиде важи за негова десна рака. Многу се уважуваат. Синот никогаш на работно место не го нарекол Карло тато. Често дискутираат и се спорат за тренинзи и тактики.

„Целта ми е да му направам што е можно повеќе сомнежи, да изразам свое мислење. На крајот од краиштата тој носи одлуки. Не сум тука да се согласувам постојано со него. Имам доволно самоувереност за да кажам: „Не, не се согласувам“.

Давиде раководи со тренажниот прцоес. Чаби Алонсо еднаш раскажал дека Карло се грижи за натпреварите, многу размислува и со тренерот за физичка подготовка Франческо Маури ги спрема тренинзите. Во Евертон Давиде Анчелоти исто одговарал за тренажниот процес и тренинзите му биле многу интензивни и траеле по 75 минути.

Обично еднаш неделно стручниот штаб има состанок. Давиде работи и аналитика и како асистент детално го изучува последниот одигран меч на тимот и спрема стратегија за следниот, комплексно ги разработува сите аспекти, од одбрана до напад.

30 мај 2022 - 11:11