Начинот на кој 20 годишниот Александар Арнолд го изведе корнерот при четвртиот гол на Ливерпул е нетипичен и многу мангупски. Прво тргна да му го отстапи на Шаќири, но најверојатно се премисли во моментот кога виде дека одбраната на Барса уште не е наместена, а Ориги е сам.
Колку и да одат тука заслугите пред сè кај Арнолд, а потоа и кај стрелецот Ориги, тука сепак има една позадина која тешко дека некој ја забележал за време на преносот. Англичаните денеска ја дискутираат и анализираат.
Во голот учествуваше и детето кое собира топки зад гол и да не го направеше овој итар потег, Ливерпул можеби немаше да биде финалист.
Кога Арнолд изнуди корнер, малиот имаше спремна топка в раце која веднаш му ја пушти по земја, а другата ја сочека по што играта можеше да продолжи.
Англиските медиуми пишуваат дека придонесот на детето бил клучен при постигнувањето на голот вреден финале.
The ball boy is the unsung hero for the winning goal!!! #LFCFCB #LFC #YNWA #Liverpool #ANFIELD pic.twitter.com/EuqZTw774E
— AK (@APKieran1) May 7, 2019
Легендарниот капитен на Ливерпул Грем Сунес синоќа во студио рекол дека треба да му дадат две карти за во финале, како и сезонска карта за Ливерпул.
Еден Твитерџија напиша дека имал од кого да учи, бидејќи токму Арнолд бил собирач на топки за Ливерпул. Ова е фотка од оној клучен пораз на Ливерпул од Челси во борбата за титулата во сезоната 2013/2014, кога се случи неславното лизгање на Џерард.