Да ви раскажеме каков бараж за прва лига се одигра во Норвешка

6 гола во продолженија, два одбранети пенали, пенал серија со 18 шута, црвен картон, магла, снег, дожд, прослава, тага.

Во Норвешка официјално заврши сезоната. Прв на табела и шампион стана Бодо Глимт кој неодамна ја згроми Рома на Мурињо со 6:1 во Лига Конференции. Завесата ја спушти бараж мечот меѓу прволигашот Бран кој заврши 14. место во прва лига и Јерв кој бил трет во втора лига. Се бореа за место во најдоброто друштво следната сезона.

Натпреварот се одиграл под густа магла па преносот на телевизија не бил баш добро гледлив. Гледачите повеќе на повторени снимки можеле да видат што се случило. А се случиле работи што за цела една сезона може да не се случат.

Да почнеме од почеток.

- Резултатот на средина од првиот дел го отворил гостинот Јерв. По еден центаршут од лева страна, со глава гол постигнал бекот Торје Вичне.

- После само четири минути домашниот тим Бран добил пенал но им го одбранил голманот Ејстен Евретвејт. Ова не бил негов последен подгив на мечот. Почекајте.

- Бран израмнува на 1-1 на почеток на вториот дел, тргнува во силна офанзива и после само шест минути добива нов пенал. И Евретвејт пак им го брани!

- Регуларните 90 минути завршиле нерешено 1-1, па се влегло во продолженија. На почеток на дополнителното време црвен картон добива домашен играч на Бран кој само што влегол во игра во судиското продолжение.

- После ова почнува бура. Бура од голови и лудило: екипите даваат по три гола и во продолженија мечот завршува 4:4!

- Следуваат пенали. И таму уште поголема лудница.

- За да се добие победникот извеле дури 18 пенали! Посилни нерви на крај имале гостите од втора лига, Јерв кој победил 8:7 во серијата. Јунак и на пеналите бил голманот Евртевејт кој блеснал и одбранил два удари од белата точка.

Бран е најголемиот клуб од градот Берген (втор по население во Норвешка). Бран три пати бил шампион на земјата и шест пати го освојувал Купот. Уште во 2016-та година завршиле втори на табела зад Розенборг.

Јерв е убавата бајка. Овој клуб никогаш во својата историја не играл во елитната лига на Норвешка - Eliteserien. 

Од 2000-та година постојано се падни-стани меѓу втора и трета лига. Само во средината на 2010-те години клубот почнал да фаќа стабилност. Во 2015-та првпат влегле во плејофот, баражот за прва лига но изгубиле од клуб од прва лига. Во 2016-та исто им се случило.

И на крајот, трета среќа, во сезоната 2021 голем, историски успех и прв пласман во првата лига на Норвешка. Симболично Јерв годинава слави сто години постоење па на навивачите им подари најубав поклон за јубилејот.

17 декември 2021 - 11:42