Кога Лука Тони пред две години во Фиренца даде гол и го запечати испаѓањето на Палермо во Серија Б, првиот човек на Палермо, Маурицио Ѕампарини вети дека за една година пак ќе се гледа прволигашки фудбал на Сицилија.
Тој не само што го оствари ветувањето, туку Палермо стана екипа со најмногу освоени бодови во историјата на втората италијанска лига (86).
Сепак, на „Чизмата" овој рекорд не доби толку на значење, колку што често пати се зборува за еден друг рекорд на Ѕампарини, а тоа е дека со само два клубови шутнал 52 тренери.
Последниот што доби отказ од Ѕампарини е Џенаро Гатузо, поранешниот играч на Милан. По само 6 кола на почетокот на сезоната во Серија Б, борбениот Гатузо бил оценет како недоволно искусен да ја води екипата во тие тешки моменти.
Приказната започнува во 1987 година, кога како сопственик на Венеција, Ѕампарини за неколку сезони успева да ја истурка екипата од четврта до прва лига.
Феручо Мацола, брат на познатиот Сандро Мацола е запишан како првиот тренер чијшто газда бил Ѕампарини. На негово место, следната година тренерската палка ја презел Алдо Черантола кој издржал само 4 натпревари, а по него Венеција до крајот на сезоната ја водел Џован Батиста Фабри.
„Нула бодови на четири натпревари, толку од неговата работа" – изјавил тогаш Ѕампарини кој во сезоната 1994/1995 избркал дури 8 тренери.
Валтер Новелино, Чезаре Прандели, Лучано Спалети и Алберто Ѕакерони се само дел од звучните имиња кои немале разбирачка со него во Венеција.
По 15 години газдување во северниот дел од Италија, Ѕампарини својот бизнис го префрла на Сицилија каде од 2002 година со Палермо ја пореметува фудбалската јавност со своите постапки.
Ецио Глереан како предвесник на она што ќе се случува, доаѓа на местото на Бортоло Мути.
За апсурдот да биде поголем, Глереан ќе ги мине припремите со екипата, но ќе добие отказ пред почетокот на првенството. Причините:
„Не ги следи моите добронамерни совети" – изјавил Ѕампарини на прес конференцијата и си заминал.
До денес, на стадионот „Ренцо Барбера" како тренери на Палермо продефилирале уште и Даниеле Аригони, Дел Нери, Ѕенга, Пиоли, Недо Сонети, Силвио Балдини, Франческо Гвидолин и многу други.
Ѕампарини често се фалел дека тој е единствениот од Италија кои имал двајца тренери кои потоа станале селектори, а тоа се Ѕакерони во Јапонија и Прандели на Италија.
Стратег кој најдолго го истрпел Ѕампарини е Валтер Новелино кој „цели" две години ќе го води Палермо.
Необично, речиси сите тренери кои работеле со Ѕампарини (73) имаат високо мислење за него, па така довчерашниот селектор на Јапонија Алберто Закерони еднаш изјави:
„Ѕампарини е многу добар како човек, но не и како претседател. Вистинско уживање е со него да зборувате општо за животот, се' додека не стигнете до фудбалот, тогаш нема што да барате".
Изјави со поддршка за работата на лудиот Ѕампарини имале и многу други луѓе од тренерската фела.
„Маурицио е одлична личност. Секогаш ќе ве послужи со најубаво вино, сирење и пршута, но ако падне муабет за играчите, реагира бурно и ви дава отказ" – рекол Ѕенга во една прилика.
Општо познато е дека навивачите на Палермо не го мирисаат многу Ѕампарини, но тој им ја затвори устата со експресното враќање во елитната Серија А, промоцијата на проектот за изградба на нов стадион и отворањето на фудбалската академија.
Палермо се пласираше во Серија А, по што добитен тренер овојпат е Бепе Јакини за кого Ѕампарини неодамна изјавил дека е правиот човек и сака меѓу него и Палермо да има брак на долги стази.
Ако имате доволно нерви, погледнете што пишува во нотесот на Ѕампарини:
Јули 2002 – октомври 2002: Ецио Глереан
октомври 2002 – јануари 2003: Даниеле Аригони
јануари 2003 – јуни 2003: Недо Сонети
јули 2003 – јануари 2004: Силвио Балдини
јануари 2004 – јуни 2005: Франческо Гвидолин (епизода I: 18 месеци)
јули 2005 – јануари 2006: Џиџи дел Нери
јануари 2006 – јуни 2006: Џузепе Пападопуло
јули 2006 – април 2007: Франческо Гвидолин (епизода II: 10 месеци)
април 2007 – мај 2007: Ренцо Гобо и Розарио Перголици
мај 2007 – јуни 2007: Франческо Гвидолин (епизода III: 2 месеци)
јули 2007 – ноември 2007: Стефано Колантуоно (епизода I: 5 месеци)
ноември 2007 – март 2008: Франческо Гвидолин (епизода IV: 5 месеци)
март 2008 – септември 2008: Стефано Колантуоно (епизода II: 7 месеци)
септември 2008 – јуни 2009: Давиде Балардини
јули 2009 – ноември 2009: Валтер Ѕенга
ноември 2009 – февруари 2011: Делио Роси (епизода I: 16 месеци)
февруари 2011 – април 2011: Серсе Козми
април 2011 – мај 2011: Делио Роси (епизода II: 2 месеци)
јуни 2011 – август 2011: Стефано Пиоли (ниту еден официјален натпревар)
август 2011 – декември 2011: Девис Манџа
декември 2012 – јуни 2012: Бортоло Мути
јуни 2012 – септември 2012: Џузепе Санино
септември 2012 – јуни 2013 Џан Пиеро Гасперини
јуни 2013 – октомври 2013 Џенаро Гатузо
октомври 2013 – со среќа Бепе Јакини