Јануари 2023-та година. Малку познатиот, анонимен Луис де ла Фуенте се појави на прва прес-конференција како селектор на големата Шпанија. Нит некој го знаеше кој е, ниту пак некој знае за неговото фудбалско минато.
Рацете му се треселе од трема. Прво прашање: „Ние ништо не знаеме за вас. Опишете го Луис де ла Фуенте со една реченица“?
- Извинете, ќе одговорам просто. Јас сум добар човек.
Беседата со новинарите поминала гладко и лесно. Новиот селектор бил пресреќен што добил шанса да ја води големата светска фудбалска империја Шпанија.
Одговорил и на прашањето како го назначиле: „Седев дома и ми заѕвонија. ’Здраво Луис. Дали сте спремни да ја прифатите нашата понуда’? Што им одговорив? Ништо. Плачев од среќа“.
На Еуро2024 новинарите го прашале како се чувствува: „Го живеам сонот. Особено како тренер кој ужива во секоја минута“.
КОЈ Е ЛУИС ДЕ ЛА ФУЕНТЕ?
Луис е роден во комарка (округот) Аро, еден од реоните на провинцијата Ла Риоха на северот од Шпанија. Регионот е познат по прекрасни вина и славниот фестивал Batalla de Vino, во кој се пие по 50.000 литри црвено вино во чест на заштитникот Свети Педро.
Но семејството на Де ла Фуенте не се занимавало со лозарство. Самиот Луис исто вели дека не пие иако како млад можел да испие „до пет литри вино“ што му се одразило на здравјето.
Татко му Алберто се снаоѓал со привремени работи. Бил навивач на Атлетик Билбао. Бил сезонец, одговорно си ја обновувал сезонската и одел на секој меч на баскиската гордост.
Еднаш Алберто во еуфорија потегнал повеќе отколку што треба од пијалаците на едно гостување па го изгубил син му околу стадионот. Му помогнале навивачите на Атлетик кој го нашле исплашеното дете и со автобус го однеле до Аро.
Луис со насмевка се сеќава на тоа болно искуство. Но татко му му ја пренел големата страст кон фудбалот. На 16 години заиграл фудбал во школата на Атлетик Билбао. После една година стигнал до младинците а после пет години добил шанса и за првиот тим на големиот Атлетик. Играл лев бек и имал голем потенцијал.
Главниот тренер на екипата Хавиер Клементе еднаш прианзл дека ако Де ла Фуенте не ја сменел позицијата, ќе останел на клупа за резерви. „Ова момче многу збореше и играше срање, тежок карактер. Живо момче. Имавме среќа што бевме со него“, се насмеал Хавиер Клементе кога го прашале за Луис.
Де ла Фуенте за Клементе вели дека е еден од неговите главни животни ориентири.
НАЈУБАВИ ГОДИНИ ВО БАСКИСКАТА ГОРДОСТ
За седум години во Атлетик Билбао Де ла Фуенте одиграл 146 меча и освоил две шампионски титули. Навивачите го засакале поради големата пожртвуваност и борбеност. Во 1987-ма Луис заминал во Севиља каде играл четири години. Се вратил подоцна во Атлетик Билбао а кариерата ја завршил во комшиски Алавес. Таму го повикал тренерот Хозе Антонио Ирулеги кој го инспирирал Луис да учи за тренер.
„Ирулеги е најдобриот мотиватор во историјата. Тој направи семејство од нас. Ниеден човек не сака да работи со тиранин. Хозе велеше: „Вие знаете како играте, јас не сакам да ве учам. Не сме во школо. Раскажете ми како ви пројде денот. Добро ли сте, што има старо-ново? Ако не ви е добро, ќе правиме нов план во тој случај“.
Ирулеги дури и го викнал Луис во неговиот стручен штаб кога станал тренер на Виљареал. Но Де ла Фуенте одбил затоа што самостојно го водел малото клупче Португалета.
Во 2001-ва година дошол во академијата на Севиља каде станал тренер на младинците. После четири години конечно го добил она што долго го сакал - повик од својот Атлетик Билбао.
Баскијците му ја довериле екипата до 19 години. Направил сјајна генерација која играла добар фудбал и од која многу младинци се префрлиле во прв тим на Атлетик Билбао. Луис се усовршувал и епизодично бил и тренер на прв тим кога бил сменет актуелниот.
„Отсекогаш повеќе сакав да тренирам младинци зошто чувствувам дека можам нешто да ги научам. Смисла на мојата професија е: не само да покажам како да ја водат топката туку и преку свој пример да им докажам дека спортот е правилен избор. На рана возраст многу се сомневаат во себе зошто мислат дека ќе го протрачат цел живот на фудбалот. Парите не се секогаш мотивација“, рекол Де ла Фуенте во 2019-та.
ТРНОВИТ ТРЕНЕРСКИ ПАТ ВО ПРВ ТИМ
Во 2011-та година Алавес му понудил да стане тренер на првиот тим. Луис ризикувал, прифатил и се покајал: издржал само девет меча во втора лига Сегунда каде забележил четири победи. Од новинарите дознал дека е отпуштен. Управата не му одговарала на повици. Фудбалерите исто ништо не знаеле.
„Луис е прекрасен човек. Дури и премногу. Затоа на играчите им се допадна неговиот прастап. Не игравме секогаш добро, но тој кон играчите се однесуваше со почит и уважување. Се сеќавам еднаш пушти во игра 18-годишно момче кое се тресеше од страв. Не можеше да истрча. Го прашавме што е работата, Луис само слегна со рамениците и рече: „Честитајте му на дебито“.
После шокантниот отказ Де ла Фуенте паузирал две години од фудбалот. Сфатил дека не може и не сака да тренира во клупски фудбал зошто нема доволно време за поврзување со играчите и меѓусебна доверба. Притисокот врз тренерот е неоправдано голем и нема време да се зближи со фудбалерите.
„Го мразев тоа. Сфатив дека не можам емотивно да се носам. Не кривам никого но клубовите го извртеа концептот за тренер. Ние не зараборуваме големи пари, ние тренираме играчи“.
КОЈ ЧЕКА - ЌЕ ДОЧЕКА
Луис извесно време се тргнал од фудбалот. Но во 2013-та година му стигнал повик од Шпанската кралска фудбалска федерација. Го побарал Луис Рубиалес, чиновник во федерацијата кој подоцна стана и претседател кого го следеа многу контроверзи.
На Рубиалес му останало во сеќавање како Луис работел со младинците на Севиља а особено како под негово водство играле Хесус Навас и Антонио Пуерта (почина на терен додека играше за Андалузијците).
Тие двајца токму Де ла Фуенте ги внел во прв тим на Севиља.
Луис прифатил. Ги предводел речиси сите младински селекции на Шпанија за девет години. Во 2015-та освоил младинско Европско првенство, а после четири години повторно станал младински европски шампион со Шпанија.
Освоил и сребро на Олимписките Игри во Токио и тоа му бил врв на тренерската кариера. Во таа селекција биле фудбалери кои денес ја носат играта на Шпанија на Еуро2024: Унаи Симон, Марк Кукуреља, Микел Мерино, Родри, Дани Олмо, Микел Ојарзабал, а повик за првпат во репрезентација добија уште и Хоселу, Робин Ле Норман и Ламин Јамал.
Де ла Фуенте не се ограничувал на младинците: често му помагал со совети на селекторот Луис Енрике и работел во тренерската школа на федерациајта. Најпознат ученик му бил Лионел Скалони, селекторот кој ја направи Аргентина на Меси Светски шампион.
ИСПОЛНУВАЊЕ НА СОНОТ
Откако Шпанија испадна рано на Светското 2022 во Катар, Луис Енрике и федерацијата решија да се разделат. По катастрофата на тој Мундијал, првиот човек на федерацијата Луис Рубиалес го планирал Де ла Фуенте за нов селектор. Но набрзо следеше големиот скандал со главата на фудбалската федерација на Шпанија кој не сакаше да ја напушти фотелјата.
Во земјата имаше дури и протести за негова оставка а на една прес-конференција додека Рубиалес држел говор, Де ла Фуенте седел до него и изгледало како да го поддржува. Подоцна се извинил за тоа но и неговиот однос со федерацијата останал замрзнат.
Следуваа промени во федерацијата и нов претседател стана Педро Роча. Биле поставени и нов генерален директор на федерацијата, шеф на комуникации и спортски директор. И нов селектор: Луис де ла Фуенте.
СПОРТУВА И ТРЕНИРА СО ИГРАЧИТЕ
Кога ќе се погледне во каква форма е, ретко кој би рекол дека Луис има 63 години.
Во што е тајната?
„Страв од стареење, да бидам искрен, признал Луис. Во младоста пиев алкохол, често и палев цигари. Со тек на госините тоа ми стана тешко. Тогаш сфатив дека мора да ја одржувам формата. Сакам да ги чувам внуците во добра кондиција“.
Вели дека секое утро, па дури и на Европското првенство сега во Германија вози велосипед па оди во сала на тренинг. Навечер исто, вози велосипед па оди на вечера.
Де ла Фуенте го освежи составот на Шпанија со младите Јамин Ламал (16) и Нико Вилијамс (21) кои станаа блескави ѕвезди на Еуро2024. „Треба да си го вратиме ликот. Го изгубивме идентитетот“, рекол Де ла Фуенте на првата прес-конференција.
Пола година подоцна неговите зборови се овистинија. Шпанија игра најубав фудбал на Европското а вечерва ја чека голем мегдан со домаќинот Германија во Штутгарт.