Роден на 1. oктомври 1947-ма година во населбата Алфама во Лисабон, Аурелио Переира во 1988-ма ќе стане шеф на младинската школа на Спортинг Клуб де Португал. Како најголем извор на таленти од целата земја, Спортинг Лисабон има скаути распоредени во Португалија кои будно ги следат натпреварите во секое помало место, село, крај.
Переира прв пат го здогледал Роналдо на 17. април 1997-ма година, поточно за време на Велигденските празници. Малиот Кристијано уште на рана возраст бил спектакл за гледање.
„Дечињата со кои тренираше уште вториот ден забележаа дека меѓу нив има некој што е навистина талентиран, сфатија дека тој е многу подобар од нив и сите сакаа да му бидат другари“, ја почнува својата приказна Переира.
Кристијано ги убедил сите освен клубот Академија од Мадеира, екипа на која ѝ требале три месеци да се одлучи да го доведе Роналдо во својот состав.
„Неговата личност ме изненади уште од почетокот. Беше сигурен во себе, убеден во своите способности и тоа ме натера да им предложам на луѓето од Маритимо де Мадеира да ни го дадат малиот во замена за долгот од 22.500 евра“, продолжува Переира.
„Ќе ни го дадете Роналдо и на место сме“ понудиле од Лисабон, но од островот одговориле дека ниту на сон нема да го дадат. Добро, тогаш ќе ви платиме 22.500 евра за него.
„Спортинг Лисабон никогаш не платил толку многу за едно дете“, додава Переира кој во својата канцеларија има цела колекција фотографии и дресови, подароци од Кристијано и од Нани.
Адаптацијата не била едноставна, напротив. Сигурно не е лесно за едно дете од островот оддалечен 960 километри од главниот град, да се навикне на светлата на Лисабон, затоа што Фуншал не е Лисабон. Процесот на интеграција на малиот Роналдо бил долг и тежок.
„Интеграцијата е многу важна, клучна е особено за емотивни момчиња каков што беше Кристијано. За нас беше ново искуство да имаме толку младо дете во екипата. Трениравме фудбалери кои беа 2 или 3 години постари од него. Сите се адаптиравме, имаше луѓе кои му помагаа на теренот, луѓе кои беа задолжени да му помагаат со задачите за во школо...“ ја продолжува својата приказна Переира.
Сепак, за клучна личност во развојот на Роналдо, Переира ја посочува неговата мајка Долорес Авеиро. Таа секогаш, за разлика од татко му Динис (боледувал од алкохолизам и почина додека Роналдо играше меч против Русија) го храбреше и бодреше. Таа е вистинската тајна на CR7.
„Дона Долорес му пренесуваше многу ентузијазам да продолжи со фудбалот, дури и тогаш кога не му одеше во школо. Имаше моменти кога тој плачеше за дома и сакаше да се врати во Фуншал, што беше нормално за дете на негова возраст.
Кога дошло време да ги спакува куферите, момчето од Мадеира уште беше неизбрусен дијамант, го гледаа како скапоцен камен. Хорхе Мендез, неговиот менаџер потпиша договор со Роналдо штом дојдоа во Англија на потпис со Јунајтед.
„Сакав екипа каде ќе може да игра и да расте. Парите не беа важни, а Роналдо беше лотарија“, напиша подоцна во својата автобиографија суперменаџерот Хорхе Мендез.
Олд Трафорд беше совршена дестинација за него, со Сер Алекс кој од самиот старт го заштити и каде сите го почитуваа.
„Одност меѓу играчот и менаџерот не е секогаш комерцијален. Роналдо е посебна личност, тој е многу приврзан со пријателите. За пријателство треба искрена доверба, а Роналдо и Мендез тоа го имаат. Хорхе направи и ќе прави уште многу за него, но во основата има еден искрен однос и апсолутна доверба“, додава Переира.
Приврзаноста кон својот народ и пријателите, Роналдо не ја заборавил, па така при секое негово доаѓање во Лисабон, првата врата на која што чука е онаа во канцеларијата на Аурелио Переира, човекот кој го откри во близина на Атлантскиот Океан.