Чави за цела играчка кариера добил само 2 црвени а како тренер само сезонава 3

Чави искрено зборува речиси на секоја прес-конференција. Откако стана тренер на Барселона и тоа во тежок период по клубот во пост-Месиева ера, успеа уште во прва сезона да им донесе шампионска титула и добро да тераат во Лига на шампиони. Ама сам призна дека му е пеколно тешко да работи под огромен притисок и стрес кои му го прават медиумите и јавноста.

Тренерот на Барселона Чави сезонава е дури три пати исклучен што не му се случило на ниту еден тренер во историјата на Барселона.

Неверојатно звучи фактот што Чави во целата своја играчка кариера во која имаше дури 928 натпревари, добил само два црвени картони во сениорска категорија и еден во младинска!

Само два црвени во цела професионална кариера во сениорски фудбал. Прв пат со младинците бил исклучен во ремито 3:3 кога играл за Барселона Б во Сегунда Дивизион Б во трета лига против Пахара Плахас де Ганиа. Тогаш добил два жолти картони (во 5-та и 57-ма минута).

Во сениорски фудбал добил црвен картон на стадионот на Виљареал „Ла Керамика во сезоната 2001/2002. Тогаш младиот талент Чави му асистирал на Патрик Клајверт за гол во 38’ минута но добил два жолти картони во 39-та и 44-та минута и автоматски црвен.

Потоа вториот црвен во сениорски фудбал го добил во 2007/2008 на ел Класико со Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ кога не можел да го поднесе поразот од вечниот ривал. Во 88-ма минута Чави добил втор жолт картон, црвен и бил исклучен. 

Чави Ернандез како тренер на Барселона доби црвен картон на реваншот од 1/4 финалето во Лига на шампиони кој Барса го загуби 1-4 дома од ПСЖ. Чави беше лут и бесен од некои судиски одлуки па во 56’ минута со сета сила рогна една заштитна ограда покрај аут линијата за што сосема заслужено доби црвен картон.

Ова само сезонава е трет црвен картон за Чави кој своите бурни реакции не можел да ги воздржи ни на мечот против Хетафе на гости во првото коло на Ла Лига и на стадионот „Ел Колисеум“ бил исклучен. Вториот црвен го добил во 29. коло од Ла Лига против Атлетико Мадрид исто на гости на „Метрополитано“ кога добил два жолти картони.

Очигледно дека исповедта на Чави од пред извесно време кога кажа се што му лежи на душа беше искрена. Тој призна дека крајно штетно по неговото здравје е што водењето на клуб како Барселона предизвикува голема нервоза. Рече и дека не можел веќе да се носи со тој притисок и дека на 30. јуни дефинитивно заминува од клупата на Барселона.

18 април 2024 - 10:45