Буцкото од Унгарија, најјакиот лик на Еуро2024

Резервниот центарфор на Унгарија Мартин Адам го привлече вниманието врз себе кога влезе од клупата на мечот со Швајцарија (1:3) на отворање на нивната група.

Адам влезе во игра во 79’ минута наместо Милош Керкез и веднаш стана главна тема на муабет поради неговата килажа, не баш вообичаена за фудбал. Особено не за некој што игра на Европско првенство.

„Он мора сигурно да пие многу. Има генијален пивски стомак“, биле некои од коментарите на социјалните мрежи каде се пишуваше и дека тој повеќе личи на борач или рагбист.

Неговата појава била повод да се прочепка по интернет неговата кариера.

Адам Мартин е роден во 1994-та во Унгарија и во изминатите десетина години е еден од најпознатите унгарски напаѓачи (познат воглавно во татковината). Во моментов игра за јужно-корејскиот клуб Улсан Хјундаи каде лани постигнал и решавачки гол за титула од пенал.

Сезонава на 20 меча дал 9 гола. Во Улсан дошол во летото 2022 за околу 1,3 милиони долари. Севкупно тој има 24 гола на 67 натпревари за клубот од Јужна Кореја.

А кариерата ја почнал во унгарски Вашаш каде од 2013 до 2019 постигнал 31 гол. Го праќале на неколку позајмици а подоцна стигнал во Капошвар каде во една сезона дал 14 гола и си обезбедил трансфер во Пакси каде од 2020 до 2022 запишал 39 погодоци на 60 меча.

За репрезентација дебитирал во 2022-ра и од тогаш до денес има 21 настап со 3 гола.

На Еуро2024 Унгарците изгубија 1-3 од Швајцарија во саботата и се трети во група само благодарение на уште поубедливиот пораз на Шкотска во група А. На прес-конференција, деветката на Унгарците одговарал на новинарски прашање меѓу кои и тие за саркастичните коментари за неговата тежина.

„Ги видов објавите, секако дека допираат до мене. Обично се смеам на тоа што се објавува за мене... Роден сум со вакво тело, отсекогаш сум имал вакво тело. Не велам дека сум се родил волку голем но отсекогаш сум бил со таква генетика, таков физикус и таков изглед. Не можам да го сменам тоа“, рекол искрено Адам Мартин кој сега со Унгарија го чека 2. коло на Еуро2024.

17 јуни 2024 - 14:52