Ристовски си замина од Спортинг на тежок начин со игнорирање на тренерот Рубен Аморим кој не сметаше на него и го префрли во вториот тим.
Помина три незаборавни години во еден од трите португалски гиганти и освои три трофеи. 2 во Лига Купот и 1 во Купот на Португалија.
На неговиот Инстаграм профил објави емотивно видео од неговите мигови во дресот на 18 кратниот португалски првак, а под него напиша само пар реченици
„Имам толку многу да напишам...тешко време за целото мое семејство...да ја напуштам оваа земја и клуб...но само едно кажувам...јас сум горд СПОРТИНГВИСТА. Ви благодариме за сите прекрасни моменти. Ве гушкам“.
Рики во Спортинг се спријатели многу со Бруно Фернандеш и му даде дрес од македонска репрезентација кога направи трансфер во Манчестер Јунајтед.
Еден од најубавите коментари му стигна токму од ѕвездата која се наметна како лидер на Олд Трафорд.
„Жал ми е што твојата авантура завршува на ваков начин во клубот каде секогаш даваше сѐ и ги почитуваше вредностите кои ги бара клуб како Спортинг. Напорна работа, чесност и секогаш подготвен за другите. Ти благодарам за сѐ што стори за мене и за клубот. Секогаш беше цар и заслужуваш нова шанса за да ги покажеш твоите квалитети. Твоите успеси ќе бидат и мои успеси“, му напиша Бруно на нашиот репрезентативец.
Ристовски се враќа во хрватскиот шампионат каде во сезоната 2016/2017 ја освои двојната круна со Ријека, а сега ќе има можност да игра за најтрофејниот клуб во Хрватска кој се пласираше во нокаут фазата од Лига Европа.
„Сите знаеме каков е угледот на Динамо и овде и во странство и ова е голема чест. Го познавам капитенот Адеми, кој е мој соиграч во националниот тим, а има и неколкумина мои поранешни клупски соиграчи. Сигурно тој факт ме прави уште посреќен. Имам искуство со играње на ривалската страна, а сега ќе дадам максимум во дресот на Динамо. Имав бурен период во последните 2-3 месеци, не размислував за фудбал и сега едвај чекам да се вратам во старата форма. Среќен сум.
Во Португалија почувствував огромна разлика помеѓу Ријека и Спортинг затоа што играв пред 10.000 навивачи, а таму секој натпревар беше пред 40.000 луѓе и за еден играч тоа е драстична промена. Зад мене е убава авантура што ќе ја носам со себе, а играв и во Лигата на шампионите“, вели 28 годишниот бек.