Бразилецот кој се пропи во Русија, се излечи и чека повик за Светско

Пекол, чистилиште и рај се трите света низ кои поминал симпатичниот висок Бразилец Жо, центарфор кој играше за ЦСКА Москва и Манчестер Сити а од пропаста го извлекол Роналдињо.

За најдобар играч во бразилското првенство е прогласен Жо (30) којшто сега може да верува дека селекторот Тите ќе го викне на Светско 2018. Ги измирил сите доставени фактури.

Во шампионскиот дуел со Флуминенсе, високиот Жо постигнал два гола а потоа со насмевка гледал како неговите другари слават и се полеваат со пиво. Му дале и него од шампањот но тој одбил затоа што веќе три години не пие ни капка алкохол.

Проблемите со зависноста од алкохол за малку не му го уништиле животот на поранешниот стрелец на Сити и ЦСКА Москва, сега лидер на Коринтијанс.

Коруплентниот Жо (право име му е Жоао Алвеш де Асис Силва, роден 20. март 1987 во Сао Пауло) се сеќава дека изгубил контрола уште во Русија, каде дошол од строго семејно опкружување:

„Почнав да пијам. Наместо да си дозволам да пијам алкохол еднаш неделно, јас пиев по 3-4 пати“, вели Жо.

Но во алкохолниот ад паднал кога се вратил во Бразил по неуспешната одисеја по Европа. Еднаш додека играл за Интернасионал пропуштил лет за важен натпревар. После бурната ноќ, го слушал будилникот но не можел да стане од кревет - толку му бил јак мамурлакот. Очекувано, добил отказ од клубот.

Падот го продолжил во Атлетико Минеиро каде Жо бил на ивица од пропаст. И тогаш се појавил Роналдињо кој му помогнал. 

На почетокот двојката му донесе на Атлетико Минеиро Копа Либертадорес - прв во клупската историја. Жо станал најдобар стрлец и живеел како во бајка, ослободен од стегите.

„На крајот од минатата сезона Роналдињо ми кажа: ’Следната година ќе го освоиме првенството, Копа Либертадорес и ти ќе се вратиш во репрезентацијата. Така и се случи, но не брзо, туку за шест месеци“, се сеќава на убавите моменти центарфорот.

Но дружбата со Рони имала и друга страна - фестивалски начин на живот во ноќни клубови, коктели, забави...

„Почнував дома, со двајца-тројца другари, жени. Пиев а расположението се креваше. Како резултат на тоа се најдов таму кај што не требаше. Пиев и пиев, пиев до рани зори. Кога ќе излезев од ноќен клуб, сакав да продолжам во друг бар или да продолжам кај другар. После ми дојдоа мисли: што правам? Каде сум јас? Жена ми е дома... Ветував дека веќе нема да се повтори, но после два дена пак истото“, искрено признава харизматичниот Жо, повремен бразилски репрезентативец.

Ако Роналдињо го спасувал неговиот небесен фудбалски талент, Жо изгубил форма: пропуштал тренинзи, се карал со управата, поради недостиг на здрав сон физичката форма му паднала на нула.

Набрзо и Атлетико Минеиро кренал раце од него. Трпението го изгубил и татко му кој му се јавил да му каже дека црвенее од срам кога на улица му викаат дека син му сè повеќе личи на Адријано.

КАКО ЖО ИЗЛЕГОЛ ОД КОШМАРОТ?

Патот го однел во Обединети Арапски Емирати. Тоа не бил најуспешен фудбалски излет како ни следната дестинација во кариерата - Кина, но Жо барем се држел подалеку од шанкот и баровите.

Главната работа која што го сменила била - верата.

Се крстел, станал евангелик (еден од правците на протестантизмот чијшто главен акцент е на личниот духовен препород). Сега неговото опкружување не се веќе жени, самба и коктели, туку духовни сопатници. Навечер спие, рано легнува и засекогаш завршил со алкохолот.

„Работите се подобри на 100%“, ја оценува промената Бразилецот.

Сега тој е оној кој сака да му помогне на Роналдињо да ја врати формата. Напаѓачот вели дека Рони е исклучителен човек и не сомнева дека да му бил односот кон животот и својот дар поинаков, тој 10 години ќе бил најдобар играч на свет.

Жо кога се вратил во својот роден клуб Коринтијанс не кажал дека за тоа сонувал, туку дека дошол да почне од почеток. Потпишал договор до јануари 2019-та.

И што доби?

Коринтијанс стана шампион на Бразил, а Жо најдобар фудбалер во лигата...