Коло Туре (Ливерпул) vs Јаја Туре (Манчестер Сити)
Коло е постар 2 години. Двајцата ја почнале кариерата во родниот крај во клубот АСЕК Мимозас, а во крајот на 2000-та година се селат во Европа. Стоперот Коло Туре оди во Арсенал кога овој клуб ја игра најдобрата сезона во историјата и е дел од непобедливите на Венгер. Полушпицот Јаја Туре европската одисеа ја започнува во Беверен, игра уште и во Металург Донецк, Олимпијакос и Монако.
Во 2010-та браќата Туре се најдоа во Манчестер Сити со кого ја освоија титулата. Три години подоцна, Коло замина во Ливерпул и двајцата браќа беа во иста лига, но во различни екипи. Минатиот месец се сретнаа еден против друг на Вембли а поуспешен беше Јаја кој славеше на пенали.
Андре Ајо (Свонси) и Џордан Ајо (Астон Вила)
Тројцата синови на фамозниот репрезентативец на Гана од '90-те години, Абеди Пеле станаа фудбалери а двајца од нив - Андре и Џордан професионални. Меѓу нив, како и меѓу браќата Туре има 2 години разлика (Андре сега има 26, а Џордан 24).
Двајцата започнаа во Марсеј, екипа со која татко им ја освои Лигата на шампионите. И двајцата играат во нападот, а Андре кој се смета за поталентиран до лани играше во Олимпик. Џордан во 2014-та мина сезона во Лориен, а Андре лани без обештетување, како слободен играч се пресели во Свонси. Кога последен пат се сретнаа во Бирмингем славеше Совнси 1:2, а и двајцата браќа дадоа по еден гол.
Кевин-Принс Боатенг (Гана) VS Џером Боатенг (Германија)
Овие браа се единствени по тоа што играат не само за различни клубови, туку и за различни репрезентации. Браќа се по татко, родени во Берлин и првите фудбалски чекори ги прават во Херта. Полушпицот Кевин-Принс кој сега има 29 години бил многу поталентиран но не го реализираше како брат му. Пола година не играше во Шалке поради проблеми со управата, а сега ја спасува кариерата во Милан каде веќе престојуваше.
Боатенг помладиот е главен стопер на Баерн Минхен и германската репрезентација. Со 27 години зад себе има освоено Светско првенство и неколку титули во Бундес лигата, како и Лига на шампиони. Кевин-Принс ја одбрал Гана со која играше на СП 2010 и 2014, и два пати се сретна против Германија за која играше брат му Џером. Во 2010-та Германците победија 1:0, а 4 години подоцна Гана и Германија ремизираа 2:2 во Бразил.
Ларс Бендер (Баер Леверкузен) vs Свен Бендер (Дортмунд)
Оние кои во последните 5 години не ја следеле Бундеслигата баш внимателно (има многу такви), може да бидат збунети. Таму играат браќа близнаци, и двајцата играат во средниот ред и двајцата играат за Германија. Почнале во Минехн 1860, потоа Свен отиде во Дортмунд, а Ларс во Леверкузен. Повеќе трофеи освои Свен но за репрезентацијата подолго играше Ларс кој сепак во 2014-та се повреди и го пропушти СП во Бразил.
Лук де Јонг (ПСВ) VS Сим де Јонг (Њукасл)
Браќата уште од детството не играле во исто клуб, освен во Њукасл каде Лук престојуваше сосема кратко во 2014-та а Сим игра уште. И двајцата го освојуваа холандското првенство, Сим со Ајакс Амстердам, а Лук со Твенте и ПСВ каде игра денес. И двајцата се истурени напаѓачи. Сим долго време котираше повисоко, но во последните две години загуби од формата со трансферот во Њукасл, а речиси цела сезона лани ја пропушти поради повреда и тешко се врати во ритам. Слична приказна имаше и Лук, во Менхенгладбах, но по враќањето во Холандија одново дава голови во дресот на ПСВ (во Ередивизија и во ЛШ). Две години е разликата меѓу нив: Сим има 27 а Лук 25.
Габриел Милито (Барселона) vs Диего Милито (Интер)
Овие браќа се навикнаа да играат еден против друг. Првиот стопер, вториот шпиц. Габриел почна во Индепендиенте а Диего во Расинг, смртниот ривал на Индепендиенте. Кон средината на 2000-те браќата заедно потпишаа во Сарагоса, но подоцна пак се разделија. Габи прејде во Барселона, а Диего кој е година дена постар, во Италија.
Во 2010-та година, се судрија во полуфиналето на ЛШ кога Интер на Мурињо ја победи Барселона на Гвардиола а Диего Милито даде гол кој се испостави решавачки. Кариерата на Габи почна да бледее во 2012-та заврши со фудбалот поради тешката повреда на коленото и стана тренер а 36-годишниот Диего игра уште, за родниот Расинг.
Хамит Алтинтоп (Баерн Минхен) VS Халил Алтинтоп (Шалке)
Уште едни близнаци. Турци, Муслимани родени во Гелзенкирхен. Во средината на 2000-те години почнаа да играат фудбал во Шалке. Кариерата на Хамит, универзален играч од средината одеше во нагорна линија. Играше за Баерн Минхен и за Реал Мадрид. Халил пак, полушпиц, целата своја кариера е во Бундеслигата. Имаат по 33 години. Хамит веќе 4 години игра за Галатасарај, а Халил одамна е во Аугзбург.
Беноа Шејру (Оксер) VS Бруно Шејру (Рен)
Ништо помалку познати не се ниту оние браќа кои цел живот играат во француската лига. Бруно и Беноа почнаа во Лил, а потоа Бруно отиде во Ливерпул и едно време играше за француската репрезентација, но никогаш не го исполни статусот ѕвезда. Се врати во Франција, поигра за Рен, а потоа од Кипар се пресели во 2012-та во Нант каде ја заврши кариерата. Беноа во моментов игра во МЛС за Торонто. И двајцата играат во средината. Бруно е три години помлад (сега има 34). Беноа Шејру играше и за Марсеј и стана шампион на Франција.
Гери Невил (Ман. Јунајтед) VS Фил Невил (Евертон)
Можеби најпознати на листава со браќата Туре. Гери ја заврши кариерата во Јунајтед, а Фил немаше доволно простор на Олд Трафорд па се пресели во Евертон каде ја заврши играчката кариера. Во моментов постариот, Гери е главен тренер на Валенсија со 41 година, а две години помладиот Фил му е помошник.
Рио Фердинанд (Ман. Јунајтед) VS Антон Фердинанд (Вест Хем)
Во средината на 2000-те години весниците пишуваа дека Рио е најдобар стопер на светот, но не и во семејството. Рио со текот на годините навистина стана најдобар играч во Премиер лигата и во светот, а кариерата на Антон не се развиваше како што очекувале. После Вест Хем, тој играше во Сандерленд и КПР, па во Турција и во Тајланд а во моментов игра за Рединг (има 31 и е 6,5 помлад од Рио). Во последните 5 години Антон се памети и по караницата со Џон Тери и судската парница.
Фабио Канаваро (Парма) VS Паоло Канаваро (Наполи)
Уште еден познат братски пар стопери. И двајцата почнале да трчаат по топката во родниот Неапол, а потоа преминаа во Парма, каде се задржаа цели 7 сезони. Во 2006-та Паоло се врати во Наполи од каде продолжи во Сасуоло. Во моментов има 35 а Фабио 43.
Роналд Куман (Феенорд) VS Ервин Куман (Гронинген)
Едни од најпознатите браќа во историјата на холандскиот фудбал. Чампион на Европа со Холандија во 1988-ма. Фотографите ги сликаа заедно во '90-те години при крајот на кариерата кога полушпицот Ервин се врати во родниот Гронинген, а Роналд од Барселона премина во Феенорд. Сега Роналд е главен тренер во Саутемптон а Ервин му е помошник. Роналд е 2 години постар.
Џузепе Барези (Интер) VS Франко Барези (Милан)
Класичен пример каде браќата се ривали на теренот. Франко кој во детството го викале во Интер се преселил во Милан и таму стана легенда. За Милан играше цела кариера. Џузепе кој е две години постар целата кариера ја минал во Интер.
Давид Бабунски (Барселона) vs Дорјан Бабунски (Реал Мадрид)
И нашата земја може да се пофали дека имаше двајца фудбалери кои беа ривали на теренот. Родени во главниот град на Каталонија, и двајцата ја поминаа школата на Барса. Давид подолго се задржа на Камп Ноу, играше за Барселона Б, а Доријан по извесно време премина во Реал Мадрид каде тренираше под палката на Фернандо Мориентес. Во моментов Дори игра во шпанскиот третолигаш Фуенлабрада, а Давид како играч на Звезда минатиот викенд од клупата го следеше белградското дерби.
Филипо Инзаги (Милан) VS Симоне Инзаги (Лацио)
И двајцата почнаа во Пјаченца на почетокот на '90-те години како младинци. Пипо тргна преку Верона до Парма, а подоцна од Аталанта стигна до Јувентус и Милан каде стекна светска слава и освои скудето, Лига на шампиони (после неговите голови Милан стана шампион во Атина) и СП со Италија 2006-та.
Симоне играше во неколку второлигаше за во 1999-та да стигне во Лацио со кој го освои големото скудето во 2001-ва. Цели 11 беше член на Лацио каде е и денес како мошне успешен тренер на Примавера (младинците). Пипо е три години постар.