Себастијано Еспозито има 24 години, Пио има 21. И двајцата беа дел од големиот триумф на Италија среде Бурса против Турција каде славеа 1-4 во 2. коло од Лига на Нации. Пио го постигна последниот, четвртиот гол на аѕурите во 50' минута и имаше асистенција за друг гол а брат му Себастијано одигра одличен натпревар.
Интересно и третиот нивен брат, најстариот, Салваторе Еспозито имал 1 настап за Италија и тоа во 2022-ра година. Салваторе (25) во моментов е играч на Сампдорија позајмен од Специја.
Со тоа ова е прв пример во историјата тројца браќа да го носеле дресот на репрезентацијата на двократниот светски шампион.
Уште појак куриозитет е дека сите тројца браќа на своите дресови го носат бројот 94. Салваторе носи 94-ка во Сампдорија, Себастијано во Каљари а Франческо Пио Еспозито во Интер. Овој број се однесува на Чичероне 94, населбата населена претежно од работничка класа близу градот Кастелмаре, близу Неапол во јужна Италија.

Интересно, двајцата браќа Пио и Себастијано никогаш претходно не играле заедно. Освен ако не се смета детството на улиците во малото место Чичероне (околу 550 жители) кај Кастелмаре кога играле сите тројца браќа. Најмалиот, Пио Еспозито кој веќе неколку сезони е центарфор во Интер, во тоа време го ставале да брани како најмал.
Подоцна ниту на тренинзите во Бреша како мали двајцата браќа никогаш не заиграле заедно ниту една минута.
Едниот роден во 2002-ра, другиот во 2005-та, избрале различни траектории во кариерата. И двајцата беа со првиот тим на Интер на Светското клупско првенство во САД. Интересно, тогаш на дуелот против Урава Редс Пио го замени Себастијано. Подоцна против Ривер Плејт кога помалиот брат, центарфорот Пио постигна гол, беше заменет токму од брат му.

А во Бурса, во Турција, за првпат во нивните професионални кариера заиграа од 1' минута заедно под палката на старо-новиот селектор Роберто Манчини. Двајцата стоеа меѓу првите 11 на Италија кои ја пееја химната на Мамели а подоцна на терен играа во самиот напад на аѕурите.
ГОЛЕМИ ТАЛЕНТИ
21-годишниот Пио Еспозито веќе стигна до учинок од 6 гола во репрезентацијата, односно 1 гол на 101 минута во просек.
Себастијано само минатата година почна да игра стандардно во Серија А, за Каљари, а сезонава е главен играч во растот на Сасуоло.
„Му дадов шанса да дебитира зошто заслужи“, изјавил селекторот Манчини после дуелот со Турција.
Себастијано Еспозито (24) можеби и порано ќе заиграл за Италија. Одговор на тоа има Андреа Ѕанкета, актуелен тренер на третолигашот Пианезе во Серија Ц кои во своите девет години во младинскиот сектор на Интер, ги тренирал долго браќата Еспозито.

„Во реалноста, ги тренирав сите тројца со се Салваторе, но најмалку време поминав со Пио зошто кога беше на возраст да игра за Интер У-18, веќе беше префрлен во младинци. Имаше неверојатна глава, секогаш беше на место. Да бидам искрен не мислев дека ќе стане ударна игла на рперезентацијата зошто се разви доцна, кога физички напредна на 17-18 години. Денес е право уживање да се гледаат Пио и Себа заедно во репрезентација. Да се надеваме дека ќе продолжат“, вели нивниот некогашен тренер од Интер.
Според тренерот Ѕанкета, Себастијано е дури и поталентиран.
„Им кажувам често и нив. (Себастијано) Има повеќе талент од Пио, феноменонално знае да истрча пред одбранбените фудбалери за да ја прими топката што доаѓа. Себастијано е шпиц кој може да игра во разни улоги но има малку бурен карактер и егоцентричен. Треба да најде тренер кој ќе му најде право место. Го стори тоа Манчини кој го стави зад Ругери. Го чекаме и него“.
ШТО РЕКОА ПОСЛЕ ЗАЕДНИЧКИОТ НАСТАП?
После победата од 1-4 над Турција со која се врати живост за италијанската репрезентација по болното испаѓање од БиХ од баражот за Светско првенство, трето по ред за Италија, браќата Еспозито се на ударни насловни страни.
„Добро се се сеќавам на моето деби за сениорската репрезентација на Италија, беше лани, така што пробам да не му ставам дополнителен притисок на неговите раменици. Верувам дека уживаше максимално“, вели Пио за брат му и додава: „Беше навистина прекрасно да се сподели ова искуство со него и се надевам ќе играме уште многу повеќе пати“.
Досега низ историјата четири пара браќа играле за Италија, но само Алдо и Луиџи Чевенини настапило истовремено заедно во триумфот од 3-1 на Италија над Швајцарија во 1915-та година.
Подоцна Пипо Инзаги и Симоне Инзаги во 2000-та беа дел од еден ист натпревар на Италија но на теренот прво едниот влезе во игра од клупата, а после неколку минути другиот беше заменет.