Поради тоа што на претходните два натпревари на домашен терен доживеавме два порази, селекторот Ангеловски за гостувањето во Израел реши да се врати на добро познатата формација 3-5-2.
Пред Столе Димитриевски во последната линија беа Муслиу, Велкоски и Ристевски. Последен играч за врска беше Бобан Николов, а средината Ангеловски им ја довери на Адеми, Бејтулаи, Барди и Алиоски.
Поддршка за истурениот шпиц на Удинезе Несторовски беше неговиот колега од Серија А, Елиф Елмас. Капитенот Пандев остана на клупата. Израелците очекувано, со нивните најдобри фудбалери во нападот Захави и Дабур.
На новиот стадион во Бер Шева, „Тото Тарнер“, пред 16.500 гледачи од самиот почеток Македонија стоеше високо, во обид да го сопре Израел да наметне свој ритам на игра, темпо кое веќе им донесе 2 победи и 2 ремија со кои освоија 8 бода во групата.
Нашите репрезентативци свесно му го препуштија поседот на Израел и се закануваа преку контри.
После 30 минути игра токму такви две брзи контри овозможија убави шанси. Прво Несторовски се обиде но топката заврши крај голот, за потоа Елмас да излезе во чиста ситуација, но противничката одбрана стигна да го блокира неговиот шут. Неторовски и Елмас добро комбинираа и во 40' минута, но Прилепчанецот несмасно шутираше.
На полувреме се отиде со почетниот резултат, а добра околност беше што Димитриевски немаше премногу работа.
Во 50' минута од вториот дел, Израел ја имаше првата сериозна шанса, но силниот шут на Дабур од близина заврши покрај стативата на Димитриевски.
После таа шанса, Израел како да почуствува дека може да пристисне посилно и иницијативата ја крунисаа со гол во 55' минута. Дабур го проигра Соломон по десно крило, а овој лесно помина двајца наши играчи, центрираше а најдобриот стрелец на Израел Еран Захави лесно го отвори резултатот.
Ова беше дури 8-ми гол на 4 меча во квалификациите за фудбалерот на кинески Гвангжу.
Она што со децении го „красеше“ нашиот фудбалски колектив, после примен гол да се паѓа, со оваа генерација фудбалери не постои. Македонија само што изведе од центарот, тргна да бара израмнување. И го доби.
Во 65' минута добивме слободен удар од косо. Совршено го изведе Алиоски а Аријан Адеми со глава маестрално ја заби во мрежата за 1-1 и голема радост меѓу нашите репрезентативци:
#
Во 69 минута Пандев влезе место индиспонираниот Несторовски кој никако да ја пронајде ланската форма. Во 75' минута Ангеловски го уфрли во игра и Алекс Трајковски наместо Николов и нашата игра доби повеќе на офанзива.
До крајот се играше отворен фудбал, а неверојатна шанса во 90+2' минута му се отвори на Елиф Елмас кого Пандев го најде „на тацна“, но бисерот на Наполи несебично се обиде да го проигра Трајковски и Израелците некако се одбранија.
На крајот 1-1, сосема добар резултат за нашите репрезентативци кои ја прекинаа мини црната серија од два порази. Следен меч на нашата селекција е во понеделник против Летонија во Рига (20:45), каде 3 бода се императив.