„Совршен амбиент (без жива душа на трибини поради затворени врати) за да се избрише термин кој ниеден навивач никогаш не го сакаше и кој никому нема да недостига“, пишува германскиот печат за последниот натпревар во Бундеслига одигран во понеделник.
Првпат во историјата на Бундеслига понеделнички меч се одигра во февруари 2018-та кога Ајнтрахт во Франкфурт го пречека Лајпциг.
Од тогаш траеа жестоки протести на сите навивачки групи ширум Германија, како и на самите фудбалски клубови.
Навивачите на Ајнтрахт тогаш вадеа пароли против фудбал во понеделник, свиреа, фрлаа тениски топчиња, тоалетни хартии и други предмети на терен, а судијата го прекина мечот за работниците да можат да тргнат сè од теренот.
Протестите брзо се проширија по цела Германија на многу стадиони. На крајот од сезоната 2017/2018 навивачите на Мајнц и Фрајбург организирале ревијален меч под мотото „Наш избор - фудбал во сабота од 15:30“.
А во декември 2018-та навивачите на Вердер Бремен го бојкотирале мечот против Баерн Минхен кој се играл во сабота како поддршка во борбата против фудбал во понеделник. Оние кои дошле дента на стадион не навивале и молчеле во прво полувреме, а симболично на 20 минута и 20 секунда кренале пароли „Фудбалот е за мене и тебе, а не за платена телевизија“ и „Играта живее на стадионите а не на телевизиски екрани“.
ЗОШТО НАВИВАЧИТЕ ТОЛКУ ЖЕСТОКО ПРОТЕСТИРАЛЕ?
Германците практично се навикнале на традиционален фудбал преку викенд, вековно се игра во сабота и недела а натпревари во понеделник донеле организациски проблеми.
Навивачите и симпатизерите кои патувале на гостувања тој понеделник, морале да земаат слободен ден од работа, па да се враќаат доцна дома од градови оддалечени стотици километри низ целата земја.
Некогаш гостувањето било далеку 500-ини километри со сопствено возило, наместо традиционални гостувања со полни автобуси, пиво и песна. Натпреварите обично завршуваат пред 23 часот навечер во понеделник, па неколкучасовно враќање доцна навечер дома значело и мамурлук цел вторник. Практично измачување наместо уживање во фудбалот.
Втора, можеби и поголема причина зошто германските навивачи обединето се борат против комерцијализација на фудбалот е одлуката на германската фудбалска лига DFL да се игра во понеделник со цел да заработат повеќе приходи од тв права (повеќе термини за фудбал, повеќе пари од тв права).
КАКОВ БЕШЕ ОДГОВОРОТ НА ГЕРМАНСКАТА ЛИГА?
Од DFL често појаснуваа дека овие натпревари им се потребни пред сè на тимовите кои играат во еврокупови (особено во четврток во Лига Европа), за да можат да се одморат повеќе.
Уште еден аргумент им бил што паралелно со професионалниот фудбал, во Германија милионски аудиториум во недела следи и аматерски фудбал кој има своја публика која „не треба да трпи“.
Според нив ако човек оди во недела да го гледа својот омилен клуб од мало место, нема да стигне навреме да ги гледа пример Баер Леверкузен и Нирнберг од кои исто еден му е омилен клуб итн.
На крај пораката од оние за кои фудбалот се игра била прифатена од германската лига.
„Врзани сме со задолжителен договор и до крајот на сезоната 2020/2021 не можеме да ги прекинеме натпреварите од понеделник. Но ветувам дека нивното количество нема да се зголеми - ќе останат пет меча во годината не повеќе. Што се однесува до сезоната 2021/2022 ние сме отворени за дискусија. Натпревари во понеделник од 2022-та година може да бидат укинати“, рекол Кристијан Зајферт од DFL.
Раководството на германската лига рекла дека приходувале само 1% од вкупниот приход од преноси во понеделник. „Тоа што протестите доведоа до укинување на натпревари во понеделник е огромен успех за навивачкото движење“, вели Хелен Брајт од навивачкото здружение Unsere Kurve.