После дискретните најави дека поради слабите резултати би можел да замине од клубот, Почетино останал збунет кога дознал дека клубот е тој што го брка од работа.
„Многу ретко одиме на вакви промени, оваа одлука не беше едноставна за управата. За жал резултатите на екипата во првенството на крајот од минатата сезона и на почетокот на оваа беа екстремно разочарувачки.
Маурисио и неговиот штаб засекогаш влегоа во историјата на Тотенхем. Воодушевен бев како го изнесе тешкиот период кога не можевме да играме на својот стадион, а исто и топлината и позитивата која ни ја носеше“, пишува во соопштението на Спарс.
Обично пред вакви новости се појавуваат еден куп шпекулации и инсајдери, но овој пат не беше така. Да, се појавија вести дека Тотенхем разгледува кандидати за тренер, но уште денес сабајлево Telegraph напиша дека Леви не сака да го отпушти Почетино поради високото обештетување за раскин на договорот - 12,5 милиони фунти.
Од резултатска гледна точка, отказот на Почетино не е изненадувачки затоа што Тотенхем од почетокот игра слабо на сите фронтови.
Спарси освоија 25 бода на последните 24 меча во Премиер лига. Ако првенството завршува пример во февруари, сега би се борел за опстанок. Сезонава тимот од Лондон освои 14 бода на 12 меча и се поблиску до зоната на испаѓање (6 бода) отколку до зоната која води во Лига на шампиони догодина (11 бода).
Најтежок удар којшто значеше и недоверба во Поч, беше поразот од 2:7 од Баерн Минхен среде Лондон.
Неколку извори сметаат дека Аргентинецот не бил задоволен од трансфер кампањата на Тотенхем летово: тој сакал во целост да го обнови составот и лично им се јавувал на Дани Себаљос и Кутињо, но клубот купи еден скап играч (Ндомбеле за 60 милиони евра) и не ги продаде Ериксен, Роуз и Алдерверејлд кои не му беа потребни на Почетино.
The Telegraph пишуваше дека во последно време Почетино се одалечил од играчите, а дека тие за време на репрезентативна пауза зборувале меѓу себе за нов тренер.
Заедно со симпатичниот Аргентинец од Тотенхем заминуваат и неговите тројца помошници - Хесус Перез, Мигел Д’Агостино и Тони Хименез. Според информациите на Independent, Тотенхем ќе мора да им исплати 20 милиони фунти обештетување за предвремен раскин на договорот, а дури 12,5 милиони фунти ќе добие само Маурисио.
И покрај сè што се случи, Почетино е најдобриот тренер на Тотенхем во епохата на Премиер лига. Со него Спарси дури четири пати завршија во Топ4, а пред него само два пати.
На клупата на Тотенхем Поч седеше 202 пати и тоа е рекорд на клубот. Само Тим Шервуд има поголем процент на победи (59%) но Шервуд ја водел екипата помалку од 6 месеци а не неколку сезони како Аргентинецот.
Најголем успех на Почетино беше и што стигна дури до финалето на Лига на шампиони и го направи Тотенхем европски првак.
КОЈ НАМЕСТО НЕГО?
Новинарот на Sky Sports Фабрицио Романо напиша дека клубот сериозно намерува да го потпише Жозе Мурињо. Португалецот долго време е без работа и само гостува по разни аналитички емисии.
Во средата наутро Романо се покажа како прав. Клубот официјално објави дека Мурињо е назначен за нов тренер. Португалецот добил договор до 2023 година. Жозе се враќа на клупата после 11 месеци откако во декември 2018 година доби отказ во Манчестер Јунајтед.