Олимпискиот стадион во Берлин кој има капацитет од 74,064 места ќе ги нагости финалистите од Лигата на шампионите во 2015 година. Домот на германскиот второлигаш Херта ја имаше честа да биде домаќин и на финалето од Мундијалот во 2006 година.
Стадионот во Берлин е изграден во 1936 година за потребите на Олимписките игри, а од тогаш е неколкупати реновиран. По Минхен (1993, 1997 и 2012) и Гелзеркирхен (2004), Берлин е трет германски град каде ќе се одржи финалниот меч од Лигата на шампионите.
Истата година главниот град на Полска ќе биде домаќин на финале од второто по ред клупско европско натпреварување. Националниот стадион во Варшава има капацитет од 56.826 седишта, а изграден е минатата година за потребите на Европското фудбалско првенство кое се одржа во Полска и Украина.