Сега последно, новинарот инсајдер Хозе Алварез Хаја кој работи за Ел Чирингито и кој има преку 69.000 следбеници на Твитер, откри ексклузива:
Барса сака да го ангажира Столе Димитриевски во јануарскиот преоден рок. Интересно, на последниот меѓусебен дуел со Барселона, Рајо Ваљекано славеше со 1-0 со голот на Радамел Фалкао а Столе Димитриевски му одбрани пенал на Мемфис Депај и заслужено беше играч на мечот.
Во моментов нашиот репрезентативен голман е во Барселона и веројатно ќе преговара со трофејниот гигант. Македонецот е еден од најзаслужните за историските успеси на Рајо Ваљекано кој после 18 кола е на четврто место во Ла Лига со 30 освоени бода (9-3-6) пред тимови како Атлетико Мадрид, Барселона, Валенсија, Виљареал.
🚨EXCLUSIVA de @10JoseAlvarez 🚨
— El Chiringuito TV (@elchiringuitotv) December 24, 2021
💣"El BARÇA quiere FICHAR a DIMITRIEVSKI en enero"
‼️"Él está ahora en BARCELONA" #ChiringuitoBarcelona pic.twitter.com/FYmLT9DEB4
27-годишниот Кумановец во кариерата го носеше дресот на Работнички, беше член кратко на Удинезе, Кадиз, бранеше во Рекреативо Гранада и во Химнастик пред во 2018-та да дојде во Рајо Ваљекано, клуб од предградието на Мадрид каде блесна во полн сјај.
Столе Димитриевски прво во 2018-та беше во Рајо како позајмен играч а клубот реши да го откупи неговиот договор во јануари 2019-та.
Димитриевски од тогаш до денес има 102 настапи за Рајо и дури 29 натпревари без примен гол (досега сезонава бранеше на 18 меча и на 6 не прими ниеден гол). Столе од година во година брани сè подобро, а оваа есенска полусезона ја завршува како еден од најдобрите голмани во Ла Лига.
Новинарот Хозе Алварез вели дека Димитриевски најпрво е замислен како алтернатива за резервниот голман Нето кој најверојатно ќе заминува од „Камп Ноу“ и со Марк Андре Тер-Штеген ќе се бори за единицата во Барселона.
Германскиот голман е под силни критики во последно време и таблоидите одвреме-навреме најавуваат негово можно заминување од Каталонија во летниот преоден рок.
На 19-ти јануари Барселона е домаќин на Рајо Ваљекано во меч од Ла Лига.
Во меѓувреме Барселона сака да го прати младиот голман Ињаки Пења на калење во некој друг клуб, со цел да се развие подобро и да се врати како комплетен голман.
Договорот на македонскиот репрезентативен голман со Рајо Ваљекано важи до јуни 2024 година, но клубот би можел да прифати евентуална понуда од Барселона со оглед на финансиската состојба на Рајо кој преживува од продажба на фудбалери.
Barça want to sign Stole Dimitrievski from Rayo Vallecano. He is currently in Barcelona.
— Barça Universal (@BarcaUniversal) December 24, 2021
— @10JoseAlvarez pic.twitter.com/bxtWxgUveJ