Поради ова управата на Барселона го активирала алармот: сите сфаќаат дека нешто во екипата треба да се менува.
Според пишувањата на Sport.es, извршниот директор Оскар Грау и техничкиот секретар Ерик Абидал по налог на претседателот Хосеп Бартомеу отишле во Катар да разговараат со Чави.
Абидал и Грау зборувале со најголемата легенда на клубот кој во моментов е тренер на катарскиот Ал Сад. Наводно му понудиле веднаш да ја преземе Барса а по крајот на сезоната да потпише нов 2-годишен договор. Му предложиле и максимална помош во реализација на сите планови во престројување на тимот.
За исходот на преговорите објавија Diario Sport, Goal.com и каталонското радио Rac1.
Поранешниот трофеен капитен на Барселона наводно сметал дека не е во ред да ја преземе екипата на сред сезона, побарал неколку часа да размисли и потоа ги одбил. Тој сметал дека не би било во ред кон актуелниот тренер Ернесто Валверде кого Чави многу го почтитува. А друго има недовршени обврски во Ал Сад каде има богат договор.
Diario Sport и ESPN пренесоа инсајдерски информации дека наводно преговорите ќе продолжат на лето а до тогаш Барса ќе ја води Валверде.
Во меѓувреме Чави го спрема Ал Сад за финалето на Купот на Катар.
БАРСА СЕРИОЗНО РАЗМИСЛУВА ЗА ПРИВРЕМЕНО РЕШЕНИЕ ДО ЛЕТО
Претходно првиот човек на Барселона, Хосеп Бартомеу го поддржуваше Валверде, но сега испаѓа дека му работи зад грб и тоа не му се допаѓа на предводникот на Каталонците. На Валверде му се замеруваат многу нешта, а навивачите никако не може да му ги простат болните елиминации од Лига на шампиони (Рома 3:0 и Ливерпул 4:0).
За ова што се случува во клубот, негативно мислење има уште една легенда која рамо до рамо со Чави правеше магија на теренот, виртуозот Андрес Иниеста:
„Однесувањето на Барселона е помалку грдо. Не може да го третирате својот актуелен тренер туку така“.
Mundo Deportivo пишува:
„Одлуката е исклучиво на Чави. Ако прифати да ја води екипата дури од лето, Барселона до крајот на оваа важна сезона би имала тренер во кого тимот веќе нема доверба и знае дека си оди. Во Барселона прашањето за тренер го води соблекувалната, посебно капитените Меси и Пике кои се во фантастични односи со својот поранешен соиграч Чави. Преговорите на Чави со Барселона ги потврдил и претседателот на Ал Сад и се чека конечна објава“.
Во јавноста за наследник на Валверде се споменуваат Кике Сетиен, Роналд Куман (одбил зошто сака да се фокусира на Холандија и Европското 2020), Почетино (тој е икона на Еспањол и на времето има дадено изјава: ’Попрво ќе станам фармер дома во Аргентина отколку да станам тренер на Барселона), како и Гарсија Пимента кој долго време играше за вториот тим на Барселона, а од 2006 година работи во системот на клубот. Во Барселона Б работи од 2018.
КАКО МУ ОДИ НА ЧАВИ ВО КАТАР?
Стартот на тренерската кариера на Чави на Блискиот Исток не беше импресивна. Минатата сезона Ал Сад предводен од тренерот Жезуалдо Фереира ја освоил титулата со 100 постигнати гола и 57 бода во 22 кола со само 1 пораз.
Сезонава Чави самостојно го води тимот кој е на 3. место со 9 бода зад лидерот (но и меч помалку). Ал Сад веќе има шест порази а навивачите дури и скандирале „Чави оди си“.
Ал Сад учествуваше и на Светското клупско првенство како најдобар тим лани од Океанија, но изгуби во четвртфиналето 3:2 од Монтереј. После доживеаа дебакл 6:2 од африканскиот Есперанса од Тунис.
Чави минатата година играше за Ал Сад и постигна 5 гола со 6 асистенции, а екипата остана без таков врвен играч кој првпат заплива во тренерски води.
Сега Ал Сад го чека финале на Куп на Катар. Неделава победиле 4:1 во полуфинале а веднаш после тоа светскиот шампион од 2006 со Шпанија одговорил на прашање за Барселона:
„Никогаш не сум криел дека моја желба е да ја тренирам Барселона. Сите знаат дека ја поддржувам Барса со цело срце, но сега сум посветен на работата со Ал Сад. Абидал ми е другар, а со него многу пати се среќавав. Но сега не можам да кажам ништо конкретно: ја уважувам Барселона, го уважувам Валверде и го уважувам мојот сегашен клуб“.
ТИЕ ШТО ИГРАЛЕ СО ЧАВИ СМЕТААТ ДЕКА ТОЈ Е НАЈДОБАР КАНДИДАТ
Општо е познато дека Чави порано или подоцна ќе се врати во родниот клуб. Во документарниот филм Take the ball. Pass the ball за Барселона на Гвардиола, зборуваат тогашните соиграчи на Ернандез:
„Тука си како со најдобри машини. Кројф беше верзија 1.0, Пеп верзија 2.0. Мислам дека Чави е од тоа друштво. Тој ќе биде верзија 3.0 кога ќе се врати да ја тренира Барселона“, вели во документарецот Дани Алвеш.
„Не сомневам дека ќе се врати да биде тренер. Ја заслужи таа шанса зошто беше најважен играч на екипата. Тој ќе стане одличен тренер. Кога беше играч, веќе го гледаше целиот терен пред себе како тренер. Од страна ќе гледа уште подобро“, додава Меси.
Интересно е и гледиштето на Жорди Кројф, синот на митскиот Јохан:
„Татко ми го сметаше Чави за најпаметниот играч во генерацијата. Проблемот сега е во тоа што сите го чекаат неговото враќање, па притисокот е многу голем. Ако оди кон целта постепено, чекор по чекор, како Пеп, ќе се справи со притисокот. Се надевам дека кога тогаш Чави ќе стане тренер“, вели Жорди Кројф.