Со двата гола на сјајниот Полјак Роберт Левандовски во само две минути, со гол на бисерот Ламин Јамал и еден на Бразилецот кој игра во одлична форма Рафиња, Барселона го дотолчи Реал Мадрид пред повеќе од 80.000 навивачи.
Од почеток па до крај „Ел Класико“ понуди се што може да понуди современиот фудбал, а германскиот тренер на клупата на Барселона Ханси Флик во стилот на неговите претходници Јохан Кројф и Пеп Гвардиола, го издоминира најголемиот и вечен ривал.
Реал Мадрид очекувано прв нападна. Пробуваше „кралскиот клуб“ преку Винисиус Жунир и Килијан Мбапе но речиси сите акции им завршуваа со офсајд. Некои статистичари пресметаа и дека Мбапе поставил нов рекорд на офсајди во едно полувреме на „Ел Класико“.
Во 30' минута Мбапе постигна погодок со прекрасен лоб, дури и го прослави со наввивачите но набрзо ВАР ги олади.
Имаше и Барселона фантастични шанси преку Левандовски, Педри и Ламал но украинскиот голман Луњин беше на место.
Првиот дел заврши како што почна, без голови. Како никој да не претпоставуваше што ќе следи подоцна.
Каталонците први го отворија резултатот, 0-1 со гол на Роберт Левандовски во 54' минута по акција која што ја отворија децата на Барса Марк Касадо и Ламин Јамал.
Ова беше 13-ти гол на Левандовски во Ла Лига а набрзо само две минути подоцна го даде и 14-от за огромна радост на неколку илјади навивачи на Барселона во гостинскиот сектор. Одново дете на Барселона беше главен креатор на голот, левиот бек Балде кој центрираше сјајно а Полјакот на неверојатен начин со глава го матираше Луњин за високи 0-2.
Реал проба да оди на се или ништо а навивачите веруваа дека може да се случи „нов Дортмунд“ како минатата недела кога ја победија Борусија иако во самиот финиш губеа со убедливи 0-2.
Левандовски во 68' минута имаше неверојатен зицер, буквално сам пред гол но промаши и пропушти шанса да стане еден од ретките со хет-трик на дербито со Реал.
До крајот гостите и лидери во Ла Лига ги искористија празнините во одбраната на Реал Мадрид, сочекаа неколку контри и со нови два гола, еден на Ламин Јамал, можеби најубав на мечот од тешка позиција и еден на Рафиња со лоб ја завршија приказната на „Сантијаго Бернабеу“.
Конечни 0-4 за прв триумф на Барселона во Мадрид после 2019-та година кога славеа со погодок на Иван Ракитиќ. Барса сега има 30 бода и веќе му бега 6 на Реал Мадрид. Тимот на Ханси Флик има 10 победи и само 1 пораз на 11 меча со гол разлика 37:10.