Барса со свои деца како некогаш, му го зема скалпот на Реал Мадрид

Со маестрална игра фудбалерите на Барселона го совладаа најголемиот ривал 3:1 и не му оставија ни промил шанса на Реал Мадрид да стигне до трофејот. Ова е прв пехар за Каталонците после цели две години и прв голем трофеј за Чави како тренер.

МЛАДИОТ ГАВИ ЈУНАК НА МЕЧОТ СО ГОЛ И ДВЕ АСИСТЕНЦИИ

Барселона доминираше во текот на целиот меч и не му даде никаква шанса на Реал Мадрид кој делуваше истрошен. Доказ за тоа е првиот удар кон противнички гол дури во 70-та минута, кога дадоа гол при водство 3:0 на Барселона.

Главна ѕвезда на мечот беше младиот Гави кој прерасна во нов лидер на Барселона и репрезентацијата на Шпанија.

Гави го постигна првиот гол во 33’ минута откако излезе еден на еден пред голманот на Реал после силен пресинг, а после имаше и две асистенции: една за гол на Левандовски, друга за гол на Педри. Погодокот на вториов беше потврден после прегледување ВАР.

Гави е меѓу најмладите во историјата кој постигнал гол во Ел класико. Ансу Фати во октомври 2020-та постигна погодок на 17 години и 359 дена против „кралскиот клуб“, а Гави сега на 18 години и 163 дена.

Младиот Гави имаше неверојатно прецизни додавања со висок процент 88% (43 точни од 49), создаде три гол шанси, 65 пати бил во контакт со топката, имал 4 додавања во финалната третина од противничката половина и освоил дури 7 од 9 дуели.

За Барселона ова е 14-ти пехар во Суперкупот на Шпанија. 

Каталонците и натаму се лидери по бројот на трофеи од овој натпревар. Реал остана на 12 иако имаше шанса да се израмни со вечниот ривал. Ова е прв пехар за Чави како тренер на Барселона. Од друга страна Карло Анчелоти го изгуби првото финале за пехар после цели 13 години! Претходно Италијанецот со Челси во 2010-та изгуби во Суперкупот на Англија од Манчестер Јунајтед, а после овој пораз му почна неверојатната серија.

Анчелоти освои безброј трофеи како тренер на Реал, Баерн Минхен па пак во Реал. Сега му заврши непобедливата серија.

Веќе во средината на новава недела Барселона и Реал ќе продолжат да се борат за домашниот Куп. Во Кралскиот Куп Мадриѓаните одат на незгодно гостување кај Виљареал каде пред пар недели изгубија, а Барселона ќе оди во симпатичното место Сеута, во Мароко, на африканско тло каде Шпанија има власт.

КРАЈ НА СЕРИЈАТА БЕЗ ОСВОЕН ПЕХАР

Барселона 639 дена беше без трофеј. Тоа е речиси најдолга серија во последните неколку децении да не стигнал пехар во нивните витрини.

Малку фалеше да ја достигнат серијата од 699 дена од почетокот на ерата на големиот Пеп Гвардиола на клупата без трофеј. Долго траеше серијата меѓу титулата 2019-та и освоениот Куп на Шпанија во 2021-ва.

На почетокот на ХХ век Барселона имаше исто долга сушна серија, односно серијата без трофеи тогаш траеше од сезоната 1998/1999 дури до 2004-та.

На Чави му требаше повеќе од една година (437 дена) за да го збогати трофејниот музеј на Барселона. Младиот стручњак имаше шанси и минатата сезона но тогаш со Реал Мадрид се сретна во полуфиналето на Супер Купот исто во Саудиска Арабија и изгуби 2:3.

Пеп Гвардиола својот прв трофеј го освои после 331 ден на клупата на Барса (Кралски куп на Шпанија), а после неколку дена им ја донесе и титулата во Ла Лига.

Аргентинецот Тата Мартино е тренер кој најбрзо стигнал до пехар на „Камп Ноу“. Него го назначија во јули 2013-та а после 53 дена го освои Суперкупот, едноставно така му се погодија коцките. Тој трофеј впрочем остана и единствен негов на клупата на Барса.

Во тренерската кариера ова е осми пехар за Чави, во катарски Ал Сад каде што заплива во тренерски води, тој освои титула, по два Купа и два Лига Купа на Катар, плус по еден Куп на Ѕвездите и Суперкуп на Катар.

А Суперкупот на Шпанија му е прв прав голем трофеј во најсериозниот фудбал како тренер.

 

16 јануари 2023 - 09:31