
Пред повеќе од 30.000 гледачи вечерва во Скопје Македонија пропушти шанса да освои три златни бода кои уште повеќе ќе ја приближеа до сонот наречен Светско првенство 2026.
На крајот конечни 1-1. Во Велс Белгија славеше 2-4 и го превзема водството на табелата.
Селекторот Благоја Милевски се одлучи за стандардната формација со Димитриевски, Стојчевски, Велковски, Зајков, Алиоски, Алими, Елмас, Барди, Миовски и Ристовски.
Казахстан кој ги загуби шансите за пласман на Светско, вечерва играше растеретено и покажа дека знае да биде мошне незгодна селекција.
Во првиот дел се играше тврд фудбал, со многу дуели и неколку шанси на двете страни. Важноста на натпреварот како да ги блокираше нашите фудбалери кои не почнаа на идеално ниво.
Црвено-жолтите се разбудија пред крајот на првиот дел кога имаа дури три сериозни шанси, две преку Милан Ристовски кој еднаш биеше атрактивно со полу-ножички но гостинскиот голман одбрани и еднаш преку Дарко Велковски во продолжение од акцијата после корнер.
По првите 45 минути резултатот беше 0-0.
Во вториот дел селекторот веднаш од старт ги стави Костадинов и Чурлинов во игра наместо Велковски и Миовски.
Казахстан имаше повеќе од играта и поседот на почеток на вториот дел а тоа го крунисаа со гол, атрактивен на Караман во 54' минута по една топка која отскокнуваше во нашиот шеснаесетник:
Македонија веднаш тргна на се или ништо. Точно 20 минути го барааа македонските фудбалери патот до мрежата на Сејсен, а го најде токму тогаш, во 74' минута Енис Барди со спектакуларен гол од слободен удар за 1-1:
Ова беше 20. јубилеен гол на капитенот на македонската репрезентација во националниот дрес. По израмнувањето и делириумот на трибините, Македонија тргна по трите бода но Казахстан успешно се одбрани. Создадоа македонските фудбалери неколку шанси, преку нововлезениот Трајковски и преку Серафимов но на крајот конечни 1-1.
Белгија со триумфот над Велс од 2-4 вечерва го презеде водството на табелата и тешко е за верување дека ќе го испушти особено ако се има предвид дека има дуели со Казахстан на гости и со Лихтенштајн дома.
Македонија има уште еден натпревар со Велс на гости, а Велшаните имаат натпревар со Лихтенштајн на гости и со Македонија дома.