Баер Леверкузен шампион без пораз - влезе на вечната листа на рекордери

Со победата од 2-1 над Аугзбург во последното коло од германската Бундеслига, шампионот Баер Леверкузен и официјално ја заврши сезоната во германската лига без пораз - 28 победи и шест нерешени на патот кон трофејот.

Баер Леверкузен за првпат во историјата стана шампион на Германија. Тренерот Чаби Алонсо и неговите фудбалери станаа само трета екипа во топ 5 лигите во Европа во XXI век која освоила шампионска титула без пораз цела сезона.

Претходно тоа му успеало само на Јувентус 2011/2012 и на Арсенал 2003/2004. Тимот на Антонио Конте тогаш го освои скудетото со 23 победи и 15 нерешени а екипата на Арсен Венгер победи на 26 меча а 12 пати одигра нерешено.

Чаби Алонсо би можел да влезе во историјата како прв тренер кој во сите натпреварувања од почеток до крај на сезоната останал непобедлив. Баер Леверкузен го очекуваат уште финале на Лига Европа (против Аталанта) и финале на германски Куп (против Кајзерслаутерн) за со евентуални триумфи да влезе во вечноста.

20 мај 2024 - 11:50