Автогол е најдобар стрелец на Европското со пет гола

Стартуваше и официјално второто коло на Еуро2024. Се уште нема играч со два гола на еден меч, а Хари Кејн, Килијан Мбапе, Кристијано Роналдо немаат ниту по еден погодок. Единствен кој постигна два гола на два различни натпревари е Џамал Мусиала.

Неверојатно звучи податокот дека на 15 одиграни натпревари веќе има пет автоголови. Многу повеќе отколку што имаше на дури 64 меча на Светското првенство 2022.

Но до рекордот на Европски првенства има уште многу. Аномалија беше Еуро2021 кога паднаа дури 11 автоголови. На сите Светски првенства досега паднале само 9 автоголови.

Првиот автогол во историјата на Европските првенства му се припишува на капитенот на репрезентацијата на Чехословачка Антон Ондруш во 1976-та година. Во полуфинале со Холандија тој станал главен јунак: во првиот дел дал гол во противничката мрежа, а во вториот дел во сопствената мрежа. Тој играл како стопер.

Чехословачка тогаш стигнала до продолженија, а на крајот славеле на пенали против Германија. Интересно Ондруш не го искористил својот пенал а решавачкиот во веќе фамозен, светски познат стил го дал Антонин Паненка.

До следниот автогол на Еуро се чекало 20 години.

На Европското првенство 2021 имало најмногу - дури 11 автоголови, а тогаш први стрелци на турнирот беа Кристијано Роналдо и Патрик Шик со по пет погодоци.

Необично, дури 8 од 11 автоголови на минатото Европско првенство паднаа во групната фаза. Имаше и два меча со по два автоголови.

Летово прв својата мрежа ја затресе Антонио Ридигер. Потоа „го следеа“ Австриецот Максимилјан Вебер, Чехот Робин Хранач, Албанецот Клаус Ѓасула и Швајцарецот Фабијан Шер.

Рекорден Мундијал, пак, по автоголови беше оној во Русија во 2018-та кога паднаа дури 12!

АВТОГОЛОВИ ВО ФУДБАЛОТ ИМА НИЗ ЦЕЛАТА ИСТОРИЈА

На 8-ми септември 1888-ма година паднал првиот официјално регистриран гол во сопствена мрежа. Се случил во првото коло на дебитантското првенство на Англија, а си го дал бекот на Астон Вила Герсем Кокс.

Во поново време, главен автоголџија беше уште ден одбранбен фудбалер на Астон Вила, Ричард Дан кој во кариерата запиша неверојатни 10 автоголови. Три помалку имаа Ливерпулците Џејми Карагер и Мартин Шкртел.

За жал има и жални судбини, како онаа на Колумбиецот Андрес Ескобар кој на Светското 1994 во Германија си даде автогол во мечот со САД (1:2). После десет дена го застрелаа во родниот град Меделин. Подоцна истрагата покажала дека автоголот најверојатно и не бил причина за неговото убиство, туку дека тој несреќно се нашол на погрешно место во погрешно време.

За него е снимен и документарец, а се плетеа и приказни дека бил наводно убиен поради пропаднати кладби.

19 јуни 2024 - 21:55