Атлетико Мадрид и сезонава ќе ја наруши дуалноста во Шпанија

Победата на „јорганџиите“ над Реал во Суперкупот на УЕФА му покажа на светот дека денешниот Атлетико Мадрид нема да биде само трета сила поред во шпанскиот фудбал, туку сериозно ќе се бори за шампионската титула во сезоната 2018/2019.

Диего Симеоне со своите помошници ќе направи се за да ја повтори неверојатната 2014-та година кога Атлетико го зачуди светот кога ги остави зад себе Барселона и Реал Мадрид.

Таа титула беше 10-та во нивната клупска историја и единствен случај од 2004 година кога ни Реал ни Барса не ја освоиле Ла Лига.

Кои се причините поради кои Атлетико ќе биде сериозен кандидат за титулата:

1. Диего Коста се врати на нивото на најдобри светски напаѓачи

Диего Коста на Светското 2018 на мечот против Португалија покажа дека е вратен во старата форма. На средбата за Суперкупот на УЕФА пак докажа дека е стариот Коста. Даде гол во 1’ минута од мечот кој стана најбрз во историјата на овој натпревар.

На средбата против Реал тој одново беше оној Диего кого го обожаваат навивачите и го мразат противничките навивачи. Играше одлично во одбраната, се враќаше да покрие на прекини, ги држеше под притисок стоперите на Реал, се бунеше кај судијата, ги провоцираше ривалите - правеше се како порано.

Што е најважно делуваше добро во тандем со Антоан Гризман. Прашање е и како ќе завршешше финалето на Лига на шампиони во 2014 ако Диего не излезеше поради повреда во 9’ минута.

2. Антоан Гризман

Во 2016 беше болно да се гледа францускиот напаѓач. Тој не само што изгуби во финалето на ЛШ кога Атлетико важеше за андердог, туку и изгуби во финалето на Европското првенство кога неговата Франција беше главен фаворит.

Таа година Антоан имаше големи шанси да ја сруши хегемонијата на Лионел Меси и Роналдо во борбата за Златн топка, но овие два меча го решија исходот на таа награда во корист на оној кој се радуваше токму на тие два натпревари.

Две години подоцна милина е да се гледа Гризман. Не само што ја освои Лига Европа, туку славеше и во финалето на Светско првенство - најпрестижниот турнир во светскиот спорт на кој играчите максимум се појавуваат по 4-5 пати.

Шансите да ја освои Златната топка годинава не се така реални како во 2016, но ако Атлетико после првата полусезона биде главен претендент за титулата дали ќе биде така?

Што е најважно Гризман реши да остане во Атлетико иако имаше понуда од Барселона. „Малиот Принц“ како го викаат навивачите остана верен зошто знае дека „јорганџиите“ можат многу далеку да стигнат сезонава.

3. Роналдо е минато

А дали Коста и Гризман ќе го водеа Атлетико до победа во Суперкупот на УЕФА ако за Реал уште играше Кристијано Роналдо? Одговорот на тоа прашање ќе остане непознат затоа што Роналдо го напушти Мадрид и се пресели во Италија каде ќе игра за Јувентус.

И тоа е сјајна вест за Атлетико затоа што Реал уште не купил пристојна замена за Португалецот и прашање е колку ќе биде силна екипата на Лопетеги во новата сезона без значајни засилувања на пазарот.

Колку за потсетување: Кристијано Роналдо постигна 12 гола во мрежата на Атлетико Мадрид на 16 меча во Ла Лига или ако сакате 22 гола на 31 меѓусебна средба во сите натпреварувања.

Сега Атлетико може мирно да спие и да го нападне Реал.

4. Новиот напад на Барселона - проблем или рушење рекорди?

Во новата сезона Каталонците влегуваат со обновен состав. Конечно ќе ги видиме правите квалитети на Осман Дембеле, дојде уште еден фантастичен крилен напаѓач - Малком, замина легендарниот Андрес Иниеста, а на негово место дојде чудесниот Бразилец Артур.

Освен тоа веќе на првиот меч од сезоната беше јасно дека Ернесто Валверде сезонава ќе премине од формација 4-4-2 во која Барса минатата сезона ја освои титулата во 4-3-3.

Оваа шема поставува многу прашања од типот: кој ќе игра во нападот? Каде ќе игра Меси а каде Кутињо? Колку време ќе им треба на новите засилувања да се адаптираат?

На сите овие прашања Диего Симеоне има одговор кога во прашање е неговиот состав.

5. Солидна трансфер кампања

Атлетико Мадрид мудро го сработе преодниот рок. Ги задржаа сите клучни фудбалери, особено Гризман. Им се приклучија новите засилувања Тома Лемар, Родри и Санти Аријас. Сите овие играчи имаат шанси на долги години да го носат дресот на Атлетико.

Никола Калиниќ дојде како дублер за Диего Коста или Антоан Гризман. Антониот Адан е одлична замена за Јан Облак. Но Атлетико направи и генијален пазар откако како слободен играч го потпиша најталентираниот португалски фудбалер Желсон Мартинш.

6. Календарот

Во 2014 година Атлетико ја освои титулата буквално во последното коло кога ја шокираше Барселона среде Камп Ноу. Ако победеа Каталонците тогаш титулата ќе беше нивна.

Во тековната сезона Атлетико и Барса исто ќе се судрат пред крајот од сезоната, на 7 април. Тоа ќе биде последен меч против еден од главните противниците за Атлетико затоа што против Реал ќе играат уште во февруари.

После тоа ги чекаат уште седум кола во кои најсериозни противници ќе им бидат Валенсија (34 коло) и Севиља (37 коло). Против обете екипи ќе играат дома. Во финишот од сезоната Атлетико ќе игра против Селта, Ејбар, Ваљадолид, Еспањол и Леванто во последното коло.

Несомнено ако после 7-ми април Атлетико биде пред Реал и Барса, ќе стисне заби да ја освои титулата 5 години по последниот подвиг во лигата.