Најпознатиот центарфор од Гана, Асамоа Гијан скоро во својата земја ќе отвори авиокомпанија под името Baby Jet Airlines.
Претседателот на земјата Нана Акуфо-Адо изјавил дека фудбалерот Гијан веќе купил лиценца за авиопревоз и сега ги средува само последните правни детали.
Извесно е само дека Baby Jet Airlines ќе лета само внатре во Гана. Владата долго сакала да привлече нови авио-компании на пазарот за да ја стимулира конкуренцијата, па дури и ветиле дека ќе го укинат данокот на додадена вредност од 17,5% за домашните летови.
Гијан прв се огласил на повикот на политичарите и веројатно ќе добие дополнителни поволности.
ОД КАДЕ МУ СЕ ТОЛКУ ПАРИ?
Многумина веќе заборавија на интересниот шпиц на Гана затоа што тој од 2011 година не играл во европските Топ лиги. Но за тие 6 години Асамоа ги полнеше своите џепови и ранци со пари во Азија.
Прво отиде во ОАЕ каде сопственикот на арапскиот тим „Ал-Ајн“ се вљубил во неговите неверојатни игри: за сето време во нивната лига Гијан дал 95 гола на 83 меча, вечен статус на најдобар стрелец на тимот и 3 шампионски титули.
Логично неговата плата растела абнормално па стигнал и до 6 милиони долари годишно (со бонуси под 8), а потоа и до 13 милиони годишно (со бонуси до 15 милиони).
Гиан сосема тивко и неприметно влезе на листата од Топ10 најплатени фудбалери на планетата. Кога замина од Премиер лигата (таму во првата сезона одигра само 10 меча), многу го критикуваа дека нема амбиции и дека е слаб фудбалер, а кога добил шанса да игра во поголем и појак клуб, тој си ја одбрал арапската тишина и лесен фудбал.
„Прво понудата беше премногу добра за да ја одбијам. Второ, во Англија ти земаат практично 50% од заработката преку даноци. Јас тренирав секој ден, играв натпревари а на крајот од месецот платата преполовена. Мислам дека тоа не е во ред. Тоа беше една од причините што заминав од Сандерленд. Во ОАЕ заработив чисти пари. Во Кина исто. Ако во Премиер лигата твојата официјална плата е 100.000 фунти месечно, ти на рака добиваш околу 50.000. Во Кина ти даваат точно 100.000 а клубот сам си плаќа даноци“, вели Асамоа Гијан за причините зошто го снема од фудбалската мапа.
Во Кина тој заигра во летото 2015-та. Потпиша луд договор со Шангај СИПГ каде сега играат Халк и Оскар. Кинезите восхитени од статистиката на Ганецот во ОАЕ му дале договор од 12 милиони евра годишно!
Но во Кина газдите се разочарале: Асамоа играл слабо и на 20 меча дал само 7 гола. Таква статистика имале и многу послабо платени играчи па Гијан го вратиле назад во ОАЕ. Таму доигра на позајмица и даде 8 гола на 21 меч но повеќе никакви астрономски договори не му предлагале.
Сега игра во Турција за Кајзериспор. Платата му опаднала речиси за 80% па сега годишно зема „само“ 1,5 милиони евра за сезона.
БИЗНИС
Гијан никогаш не криел колку е богат - на пример тој се вози по главниот град на Гана во златен Rolls-Royce Drophead Coupe (чини околу 550.000 долари). Но и покрај тоа, во Гана многу го уважуваат и ценат. Пред се поради хуманитарните проекти: во последните 5 години неговиот фонд имал 13 големи кампањи (пристап на сиромашните луѓе до вода, достава на храна, облека, медицински помагала итн.)
Тој има цело инвестициско портфолио. Има компанија за боксерски промотивни мечеви, компанија за транспор (20 автобуси на маршрутата Акра-Кумаси), развојна компанија, производство и пакување на вода, организација на концерти, финансира музички бендови (дал 100.000 долари на бендот Asa Band).
А сега ќе отвора авио-компанија... Па вие прашувајте што им текнало да играат во Катар, Дубаи, Оман и Кина.