Елиф Елмас, бисерот на македонскиот фудбал е на радарот на големи европски клубови меѓу кои е и Реал Мадрид.
Како што пишува АС попладнево, Реал Мадрид веќе пуштил емисари во Турција за да разговараат со претставниците на Фенербахче за евентуален трансфер зимава во јануарскиот преоден рок.
Новинарот на АС во опширна статија кажува за дебито кое Елмас го имаше во Работнички со само 16 години и 3 дена и дека е стандарден репрезентативец на Македонија. Веста на 4 декември ја објави и турскиот портал Haberturk.
Елмас за нашата селекција дебитираше на 17 години кога влезе во игра на мечот против големата Шпанија во квалификациите за Светско. Одличниот фудбалер од средниот ред во летото 2017 премина во Фенербахче кој на Работнички му плати отштета од 180.000 евра.
Вредноста на пазарот сега му е околу 20 милиони евра. На почетокот Елмас не добиваше шанса во турскиот гигант но со текот на времето поранешниот холандски тренер на Фенер Филип Коку му даваше се повеќе шанса како во еврокуповите, така и во турското првенство и турски Куп.
По отказот кој го доби Коку поради слаби резултати, негов наследник стана неговиот сонародник Едвин Куман кој исто му дава шанса и му верува на младиот Елмас во големата конкуренција во екипата.
По очајниот преоден рок изминатото лето, Реал Мадрид, односно првиот човек на овој клуб Флорентино Перез најавил дека следните трансфер-прозори ќе бидат многу поактивни на „Сантијаго Бернабеу“.
Покрај Елмас, Реал Мадрид е заинтересиран и за Муса Дембеле од Тотенхем а АС пишува дека за Македонецот сериозно се заинтересирани уште и Рома, Интер и Борусија Дортмунд.