Аргентина vs Бразил, 101 меч за 101 година

Вечерва во 1 по полноќ ако не ви се спие случајно, ви најдовме занимација. Во Буенос Аирес ќе се судрат најголемите ривали од Јужна Америка во 3. коло од квалификациите за СП 2018. Историјатот им почна во 1914-та, а последниот меч го одиграа во 2014-та. Има многу што да се напише за нив.

Игра на срамот (1937 година)

Средбите меѓу овие две селекции отсекогаш биле тврди и напнати уште од првата во 1914 година. Тоа било битка за превласт на јужноамериканскиот континент, каде во двете земји владееле диктатури. Во Ривер Плата доаѓала новата технологија како што е телефонот, град со интелектуалци, а тие во Рио ги викале "macacos" (мајмуни).

На 1 февруари 1937 година во Сан Лоренцо, Аргентина и Бразил го играле нивното прво, а инаку 14-то финале на Јужноамериканското првенство (сегашна Копа Америка). Мечот бил во прекин 40 минути поради упад на аргентинските навивачи на терен. Во продолжението Аргентина победила со двата гола на 19 годишниот Де Ла Мата, кој две години подоцна дал гол сличен како слаломот на Марадона против Англичаните во 86-та. Бразилците протестирале поради немирите кои ги создале домашните навивачи на терен и тој меч го нарекле „Игра на срамот“.

Сомнителен пенал (1939 година)

По две години Бразилците се одмаздиле во Копа Рока. Мечот бил 2:2, а на неколку минути до крајот бразилскиот судија Оливеира им досудил сомнителен пенал на своите сонародници. Аргентинскиот фудбалер Лопез му се сипал на судијата, но интервенирала полицијата. Потоа протестирале и другите играчи, но судиската била последна, а резултатот 3:2 за Бразил.

Првите ножички (1940)

Во 1940 година за еден месец се сретнале 5 пати, од 18 февруари до 17 март. Билансот е три победи на Аргентина, една на Бразил и едно реми. Бразилците го претрпеле највисокиот пораз од 6:1, а тогаш се истакнал Леодинас Да Силва прв играч кој дал гол со ножички. Кај Аргентинците најефикасни биле Масантонио со 6 и Балдонедо со 7 гола на 5 средби кој бил најпрецизен фудбалер на јужноамериканското дерби. Балдонедо по 40-та година не играл повеќе за репрезентација и головите против Бразил му се единствени.

Животот на Чико во опасност (1945-1946)

И Аргентина памети лоши денови со Бразил, како што е 12 декември 1945 во Рио кога загуби 6:2 каде стрелец повторно бил Леонидас, а два гола дал и Адемир од Васко де Гама. Ривалството било толку жестоко што намерно се кршеле нозе на терен. На Чико му рекле: „Ти подобро не играј, инаку ќе те убиеме“. Во 28 минута во еден дуел толку многу повредиле играч, што повеќе не се вратил во репрезентација. Чико тргнал да го заштити, но добил клоци и боксови, а го спасила бразилската полиција. Потоа решил да фати воз за Уругвај, но со него патувале 12 војници.

Се роди новата ѕвезда Пеле (1957)

На 7.7.57 на Маракана за прв пат се појавило едно момче со 16 години и 8 месеци. Влезе во второто полувреме и даде гол за 1:1. Пеле е Бразилецот кој им дал најмногу голови на Аргентина, 7 на 10 средби и прв меѓу Бразилците кој постигнал хет-трик против ривалите. Тоа се случи на 16 април 1963-та, а резултатот беше 5:2. Но Аргентина е селекцијата која му го нанела и највисокиот пораз од 4:0.

На Светските првенства (1974-1990)

Четири соочувањата на Мундијалите. Првото во 1974 година заврши 2:1 за Бразил, но први во таа група завршија Холандија со Кројф, а Кариоките играле меч за трето место. По четири години одиграле 0:0, но поради подобрата гол разлика, Гаучосите се пласирале понатаму. Третата средба во 82-ра Бразилците одново триумфирале во втората фаза со 3:1, а кога Жуниор играл самба на третиот гол, предизвикал тепачка. Последната пресметка на Светските првенства им е во Италија 1990-та, а мечот го решил Каниџа, на асистенција на Марадона.

Аргентинско славје на Маракана по пауза од 28 години (1998)

Последниот триумф на Аргентинците среде Бразил бил на 4 март 1970-та, еден од последните мечеви на бразилскиот селектор Салдана кој до тогаш имал 9 победи на 9 меча. По 28 години Аргентина славеше среде Бразил кој таа година играше во финале на Светско првенство со Роналдо, Ромарио, Роберто Карлос, Кафу.... Селектор на Аргентина беше Пасарела кој пред 100.000 гледачи ја освои Маракана заедно со Занети, Верон, Симеоне, Батистута и компанија. Победничкиот гол го постигна Пиохо Лопез.

Во знакот на Императорот (2004-2005)

На 25 јули 2004-та го одиграа првото финале на Копа Америка. Со головите на Кили Гонзалес и Делгадо, Гаучосите имаа водство од 2:0, но Адријано со два гола го однесе мечот во продолженија. Пехарот го подигнаа Бразилците по серијата на пенали од 4:2. Една година подоцна, ново финале овој пат во Купот на Кннфедерации и нов триумф на Бразилците од 4:1. Адријано повторно се истакна со два погодока.

Последниот дуел (2014)

Во 2009-та Аргентинците загубија 3:1, двоен стрелец беше Луис Фабијано, а на клупите седеа славните Марадона и Дунга. Потоа во следниот квалификацискиот дуел во Монтевидео се радуваше Марадона. Следуваа и две пријателски. Прво во 2012-та кога Аргентина победи 4:3 со хет-трикот на Меси, а по две години 2:0 за Бразил со двата гола на Диего Тардели кога Меси промаши пенал.

12 ноември 2015 - 17:47