На голема врата го напушти фудбалот во 2014 година и стана стручен коментатор. Договорот на Анри со Sky Sports беше гигантски - потпишан на 6 години за неверојатни 24 милиони фунти.
После една година Французинот стана тренер во младинците на Арсенал но таму се задржа само една сезона: Мешањето на тренинзи со телеекспертиза не го радувало баш Арсен Венгер и тој побарал од Тиери да се одлучи за едно. Легендарниот напаѓаш тогаш остана во Sky Sports.
Паралелно со гостувањата во студио, Анри учел за тренер. Посетувал тренерски курсеви и во март 2016 година се стекнал со А лиценца од УЕФА (втора по значај која дозволува да тренираш клубови од пониските лиги).
Но стекнувањето диплома не поминала идеално за Анри: го обвинувале дека лиценцата ја добил по скратен пат во фудбаската асоцијација на Велс благодарение на врските и репутацијата.
„Човек не може да помине курс така лесно како што направи Анри. УЕФА бара да поминете 180 часа предавања. Велат никому ништо. Некои луѓе ги игнорираат правилата“, изјавил тогаш Вил Фоли, поранешен фудбалер на Свонси и Кардиф кој сега работи со младински категории.
Како се наближило летото во 2016, така критиките кон Анри престанале, а веќе во август таа година, селекторот на Белгија Роберто Мартинез му предложил на Тиери да му стане втор асистент. Анри бил воодушевен од предлогот: од телевизија ќе се симне на терен, опкружен со топ врвни играчи со одлични шанси на Светското.
РАБОТИ СО ПСИХОЛОГИЈА
Анри од почеток кажал дека Белгија мора да стане похрабра, посмела. Ретко зборувал за тактика, а повеќе за мотивација и карактер.
„Јас сум втор помошник после Грем Џонс, а Роберто е главен. Јас му помагам во изградба на структурата на игра, но една од најважните работи која што треба да ја направиме е да ги убедиме дечките дека може да влезат во историјата. За такво нешто треба да веруваат во себе“, изјавил Анри.
Белгија се прошета во квалификациите зошто Босна и Херцеговина и Грција не им беа достојни ривали, но Анри и тогаш укажувал на слабости.
„Со Роберто (Мартинез) долго кроевме план за првиот меч со Кипар. Јас бев во таква ситуација и како играч: сите мислат, ќе биде лесно, но нема лесни противници на стартот. Нерамен терен, топло време, не е едноставно. Имавме тешки противници: Грција многу сакаше да се пласира на голем турнир, а за Босна не би зборувал ништо, знаете и сами колку е силна“, раскажал Анри.
На 10 меча од квалификациите, Белгија победи на 9 и постигна неверојатни 43 гола.
„Анри е неизмерно важен за нас. Постојано се стреми да биде подобар и тоа го направи уште поголем играч. Тиери беше светски шампион, тоа е бесценето за нас да ги поминеме психолошките бариери. Во репрезентацијата ретко поминувам многу време со играчите, така што Анри ни помага секоја средба да биде максимално корисна. На пример напаѓачите со него можат да зборуваат за движење во шеснаесентикот. Тој секогаш има покажува“, изјави селекторот на Белгија Роберто Мартинез.
ИГРАЧИТЕ ТВРДАТ ДЕКА АНРИ Е МНОГУ ЗАХТЕВЕН
Тиери постојано се восхитува на составот на Белгија и вели дека репрезентацијата е спремна да освои некое големо првенство.
„Вербата, тактиката, филизофија и индивидуалноста се најважни. Но ако немате класа состав, тешко дека ќе успеете. Ние имаме чудесни играчи. Талентот на Азар, Де Брујне и Лукаку е неверојатен“, вели Анри.
За него Ромелу Лукаку, најдобриот белгиски центарфор вика:
„Со Анри не е едноставно. Тој бара толку многу што јас никогаш не сум имал такво искуство. Дури и кога ќе направам добар пас, а топката отскокнува малку, тој ме критикува. Мислам дека во мене се гледа себе како млад и затоа сака максимум. Ме научи на некои движења и како да не бидам во офсајд. Анри имаше по 10 асистенции во сезона и јас сакам да го достигнам“, вели Лукаку.
Миши Батшуаји додава:
„Не сум баш сигурен дека родителите ги слушав така внимателно како него“.
ДЕЛ ОД ПЛАТАТА ДАВА ВО ХУМАНИТАРНИ ЦЕЛИ, САКА ДА СТАНЕ СЕЛЕКТОР
Позицијата помошник е само епизода од тоа што Анри сака да стане. Негова главна цел е да биде селектор.
Годишно зема симболични 50.000 евра и ги дава во борбата против СИДА и муковисцидоза (наследно заболување кое ги опфаќа сите органи).
Пред почетокот на Светското Анри изјави: „Во Франција имаше талентирани генерации на играчи, но ги пропуштивме Мундијалите во 1990 и 1994 година. Таа генерација ја нарекоа величествена иако не освои важни титули. Психологијата е затоа важна. Мора да се сметаш себе за најдобар и така да влезеш на теренот. Така репрезентацијата на Белгија ќе стане шампион“.
Колку е важна психологијата за Белгиската репрезентација се виде на мечот против Јапонија во осминафиналето кога од 0:2 се вратија на 3:2 во последните секунди од мечот. Сега ги чека најтешкиот противник на Светското - Бразил, во четвртфиналето.