Во досегашниот тек на трансфер периодот, клубовите од англиската Премиер лига купиле 155 фудбалери на кои потрошиле 417 милиони евра. Во исто време продале 205 фудбалери за 78 милиони евра, што значи дека само до сега тие се во минус од 339 милиони евра. Помеѓу најголемите трансфери во Англија се издвојуваат трансферите на Фернандињо во Сити за 40 милиони евра, Солдадо во Тотенхем за 30 и Јоветиќ во Сити за 26 милиони евра.
На второто место се Французите со 318 милиони евра за нови фудбалери. Секако тука се истакнуваат Монако со 146 и ПСЖ со потрошени 110 милиони евра. Француските клубови продале играчи за 129 милиони, па тие се во негатива од 189 милиони евра.
Клубовите од Серија А имаат потрошени 315 милиони евра, но имаат и продадено многу фудбалери за 293 милиони, па нивната досегашна загуба изнесува само 22 милиони евра. Најактивна на пазарот беше екипата на Наполи која го направи најголемиот трансфер во досегашниот тек со доведувањето на Игуаин за 37 милиони евра.
Најмногу во овој трансфер период имаат ќарено Шпанците. Тие купувале за 242 милиони, но продале играчи за 384 милиони, па се во плус од 142 милиони евра. Најголеми беа трансферите на Нејмар во Барселона за 57 милиони, а Атлетико Мадрид го продаде Фалкао за 60 милиони евра.
Клубовите од германската Бундеслига за нови фудбалери потрошиле 215 милиони, а од продажба на играчи заработиле 170 милиони евра.
Активни на трансфер пазарот беа и Украинците со потрошени 109 милиони и Русите со 108 милиони евра.