Анегдотите на Касано со Бекам и Тоти

„Шест месеци живеев во домот на Франческо Тоти, а потоа две години не разговаравме", открива Касано за шпански АС и додава анегдоти поврзани со Дејвид Бекам во Реал Мадрид.

Фантантонио како што го нарекуваат во Италија е роден во Бари, каде имал бурно детство одбележено со кражби на локалните трафики и редовен ќотек од полициските службеници.
 
Во својата автобиографија објавена пред некоја година, Касано раскажуваше за својот живот, а најголемо внимание предизвика делот во кој откри со кои познати водителки и манекенки го делел домашниот кревет. Сега, во интервју за АС открива други детали од кариерата на детето кое многу ветуваше, а малку постигна.
„Рома кога тренер беше Спалети сакаше да ме избрка. Тогашниот директор Бронѕети ми се јави и ми кажа Антонио ќе одиш во најголемиот клуб. Кој е тој најголем клуб го прашав, а тој ми одговори Реал. Веднаш му реков да не се мајтапи со мене. Тогаш тој дојде кај мене и ми го даде мобилниот а од другата страна беше Флорентино Перез. Не можев да му кажам не на Реал, затоа што многу би платиле да играат таму, а таму беа Зидан, Фиго, Раул, Бекам, Гути, Роберто Карлос, Касиљас...“, раскажува Касано.
Немирниот карактер го следеше во секој клуб. Се скара со речиси сите тренери, претседатели, навивачи. Во разговорот за АС Касано се наврати и на моментот кога дошол во Рим од Бари.
„Имав неполни 18 години и уште од мал сакав да играм со Тоти. Токму со капитенот имав добар и лош однос. Фантастична личност е, шест месеци живеев кај него дома кога потпишав за Рома додека мајка ми не дојде да живееме заедно со еден мој роднина. Потоа со Франческо се каравме поради непочитување еден со друг и тој престана да зборува со мене цели две години“, признава Касано.
Интересен детал е и моментот кога ги украл клучевите од карантинот во Тригорија и се вратил поднапиен во шест часот наутро.
„Следниот ден ја одиграв најдобрата средба во мојот живот. Победивме 4:0 против Јувентус, изнудив пенал и дадов два гола“, продолжува напаѓачот на Сампдорија.
Не баш пријатно искуство имал Касано во Мадрид. Таму не играше редовно, се скара со Капело и се здебели.
„На 20 години имав енергија за секс секој ден. Фудбалот, сексот и храната се идеално трио за совршен живот. На пример Бекам беше ист како Тоти, одлична личност и нормално беше што 100% од девојките сакаа да се запознаат со него после секој тренинг и меч, а не со мене, но тој е оженет, а јас бев тој што имав девојка, но после еден месец ја нема. Знаев да ја искористам популарноста на Бекам за и јас да искористам нешто“, констатира лудата глава на италијанскиот фудбал.