На Монументалните гробишта (Cimitero Monumentale) во Милано, кај делот БЦ Леванте почива Херберт Килпин. На надгробната плоча пишува: „Херберт Килпин, 24-1- 1870, 22-10- 1916, основач и прв капитен на Милан Крикет и Фудбалски клуб, со почит Милан АЦ“.
На 22. октомври, во саботата се навршија 100 години од смртта на оној кој со страст, посветеност и голема љубов решил во Милано на 16. декември 1899 да основа една екипа во Милано која што ќе и се спротистави на доминацијата на фудбалска Џенова: il Milan Cricket and Football club, денес A.C. Milan.
Навивачите на Милан се сеќаваат на мотото со кое Килпин му дал шмек на клубот според кој е дизајниран и амблемот на клубот: „Ќе бидеме екипа на ѓаволи. Нашите бои ќе бидат црвено како оганот и црно како стравот кои ќе го сееме кај противниците! Ќе ги плашиме сите противници како да сме ѓавол, дури ќе бидеме навистина ѓаволи“.
Англичанец од Нотингем, работник во текстилна индустрија, на 21 година стигнал во Италија (во Торино) за да работи. Неговата прва средба со италијанскиот фудбал има врска токму со главниот град на реонот Пиемонте.
Во септември 1891 година неговиот другар Џон Севиџ го однел на Плоштадот Д’Арми и го поканин да игра на еден натпревар меѓу англиски работници и италијанскиот Торино Фудбал и Крикет Клуб. Килпин не ги познавал ниту соиграчите Англичани, ниту противниците но се заиграл.
Играле без судија и со текот на времето Килпин сфатил дека италијанскиот тим привлекувал многу публика. Забележал уште еден детал, противникот во еден момент имал 20-ина играчи на теренот. Тоа не им сметало на Англичаните кои победиле 5:0.
Килпин играл и за шареноликиот Торино во првите италијански првенства во 1898 и 1899 година, но секогаш губел од Џенова. Изморен од таквиот развој на настаните, по едно славје на Џеновјаните Килпин го напуштил теренот и рекол: „Последен пат победувате! Ќе се преселам во Милано за работа и таму ќе основам тим кој ќе ве победи“.
Во Милано уште немало друштва кои играле фудбал и да се победи веќе големата Џенова бил титански подвиг. За помалку од две години од основањето, на 5. мај 1901 година, Џенова и Милан се сретнале во финалето за скудетото и црвено-црните „ѓаволи“ ја освоиле првата титула благодарение на победата од 3-0 со гол на Килпин кој бил и тренер на екипата. Другите два гола ги дал Негрети. Англичанецот на ова чекал неколку години.
Херберт Килпин имал една слабост: пиењето. Една анегдота која што го следела вели дека секогаш со себе на теренот излегувал со шишенце виски. Никогаш не се откажал од пиењето: „Пред натпреварите за да се загреам, на полувреме за да се опуштам, кога даваме гол да прославам и кога губиме да заборавам“, викал основачот на Милан од Нотингем.
Веројатно поради оваа слабост прерано починал на само 46 години.
Љубовта и страста кон фудбалот на Херберт Килпин била неверојатна. Секогаш играл бесплатно. Еднаш за да може да игра во Цирих против Грасхоперс, на денот на својата свадба предвреме ја завршил прославата. На дуелот го удриле во носот поради што долго време одел со бандажиран нос.
По осум години во црвено-црниот дрес во кои бил буквално се (капитен, тренер, раководител, сметководител) и освоил 3 скудета (1901, 1906 и 1907), Килпин решил да се повлече во 1908 година. Таквата одлука ја забрзала Италијанската фудбалска федерација која се обидувала на секој начин да создава чисто италијански екипи со домашни играчи.
Биле неправедни кон човекот кој го раширил фудбалот во Италија.
Составот на Милан во 1907. година бил составен претежно од Англичани: Хиронимус Рут, Ксавер Маркт, Гвидо Фешн, Алфред Босхард, Трере’ Јуниор, Чарлс Вајтс, Мар Хал, Херберт Килпин, Ханс Мадиер и Питер Вул.
Федерацијата им наложила на дресовите да им стојат презимињата на италијански: Рут бил Радиче, Фешн бил Мода, Хал бил Сала, Вул бил Лана и Вајтс бил Бјанки. Само Трере’ од некаква почит кон англиската круна не бил приморан да се преименува во Трикингс.
Пионерот на италијанскиот фудбал, Херберт Килпин бил нарекуван Лорд поради неговото британско потекло. Тој е татко на Милан, а навивачите на овој клуб на големите дуели креваат кореографија со ликот на Херберт во чест на тоа што го донел на свет нивниот омилен тим.