Анегдотата за тоа како Клоп пиел кафе во сопчето на хаусмајсторот на Наполи

Фудбалот, и секој друг спорт е убав од причина што се случуваат непоимливи работи не само на теренот, туку и надвор од него. Оваа приказна за гостувањето на Клоп и Борусија во Неапол е буквално за филм.

Јирген Клоп вечерва по втор пат ќе води своја екипа во Неапол против Наполи. Тој во градот под Везув беше во септември 2013 кога Борусија Дортмунд изгуби 2:1 а Јирген доби црвен картон уште во 30’ минута поради жестоки протести кон судијата.

Над новинарската ложа на стадионот „Сан Паоло“ има еден дел најгоре на трибината каде човек се чувствува како да лебди затоа што ем е високо ем нестабилно.

Правилата на УЕФА не им забрануваат на исклучените играчи и тренери да го следат мечот од таму но Клоп не сакал да стои толку високо.

Редарите тогаш го однеле во соблекувалните во поттрибинскиот простор и го предале на Винченцо Чероне - човекот кој од 1981 година е одговорен за хигиената во подтрибинскиот простор.

„Не знам ни германски, ни англиски, само неаполитански (дијалект тешко разбирлив и на Италијанците од северот). Му понудив кафе и торта на Клоп и тој беше изненаден. Седнавме на каучот пред телевизорот и запаливме неколку цигари. Инсиње даде гол од слободен удар. Јирген не се изнервира, само кажа: “Прекрасен гол, браво, секоја чест“. Прав џентлмен е. Кога Борусија прими уште еден гол (во 87’ минута) тој се поздрави со мене и замина“.

Чероне не верувал дека пак ќе го види Клоп. Тој е вработен хигиеничар во Наполи кој ретко кога ги гледа легендите кои доаѓаат на стадионот.

Работното време му минува во поттрибинскиот простор а забрането му е да се симнува на теренот или на трибините додека е на работа. Во неговото работно сопче нема ништо - еден мал телевизор, кревет и кафемат (нема жив Неаполитанец без овој апарат).

За 32 години колку е во клубот Винченцо само еднаш видел ѕвездена икона и тоа најголемата во историјата на Наполи - Диего Марадона. Аргентинецот секогаш бил внимателен и срдечен со него.

Приказнава добива поинаков шмек кога се дознава дека Јирген Клоп после мечот дошол пак во собчето кај својот нов пријател. Му се заблагодарил за топлиот прием и му подарил дрес од Марко Ројс. Неаполитанецот бил шокиран.

Но тоа не било крај.

После два-три дена во канцелариите на Наполи стигнало писмо адресирано до Чероне. Клоп го викнал Винченцо на реваншот во Дортмунд а хигиеничарот не можел да верува што гледа со своите очи. За жал поради работни обврски не можел да отпатува во Германија и до денот на ждрепката за Лига на шампиони сезонава не можел да прежали што не отишол.

Кога ждрепката ги спои Ливерпул и Наполи тој бил пресреќен.

„Знаев дека порано или подоцна одново ќе се видиме. Минатата средба со него бев превозбуден и заборавив на две работи: да се сликам со него и да ми даде автограм на дресот на Ројс. Сега ќе го сторам тоа. И секако, ќе му сварам кафе“, вели чичко Винченцо.