Албанија се спрема за мечот на векот

Албанскиот премиер Еди Рама изјави денес дека неговата земја и надлежните органи до најситни детали се подготвуваат за мечот против Србија на 8. октомври годинава, кога Албанците би можеле да остварат историски пласман на ЕП.

На 5. септември 2016-та година, македонската фудбалска репрезентација ќе игра против Албанија во рамките од квалификациите за СП 2018. Местото каде ќе се одигра овој меч сè уште не е познато, но по сè изгледа ќе играме во Скадар, град оддалечен на 285 километри од Скопје.
 
На тоа нè упатува податокот што Албанија за реновирање на стадионот „Лоро Боричи“ (поранешен албански фудбалер) во Скадар издвоила 12 милиони евра, а после реновирањето стадионот ќе собира повеќе од 17.000 гледачи и ќе биде еден од помодерните во земјата.
 
Сепак, до мечот меѓу Албанија и Македонија има уште 404 дена, а Албанците во меѓувреме ги очекува решавачки дуел против Србија за пласман на ЕП 2016 во Франција.
 
На денешната средба меѓу премиерот, министрите за полиција и одбрана, безбедносните служби и првите луѓе на фудбалскиот сојуз на Албанија инсистирале сè да помине по највисоки европски стандарди, без никаков ризик по гостинските фудбалери.
 
Пред фамозниот меч во Белград, двата сојузи се договорија да нема реципроцитетна размена на влезници поради безбедност, така што во Албанија српските фудбалери би требало да ги бодри премиерот на Србија Александар Вучиќ и неговата делегација. Пред две недели, Судот за спортска арбитража во Лозана пресуди во корист на Албанија на која ѝ беа дадени службени три бода од прекинатиот натпревар во Белград.